Температурите во Македонија утринава достигнаа врв со измерени 37 степени во Гевгелија уште во 11 часот, додека метеоролозите за утре попладне најавуваат дестабилизација со поројни дождови и град. Според официјалните мерења на Управата за хидрометеоролошки работи, високи вредности се регистрирани во повеќе градови низ државата, по што следува постепен пад на температурите и локално невреме.
Утринските мерења во 11 часот покажаа 37,1 степен во Гевгелија, со што овој град стана најтоплата точка во земјава. Веднаш зад него се Зајчев Рид во Скопје со 35,4 степени и Велес со точно 35 степени. Над 30 степени се измерени во Демир Капија (33,9°C), Струмица (33,2°C), Штип (32,7°C), Крива Паланка (32,6°C), Тетово и Виница (по 31,1°C), Прилеп (31,0°C) и Берово (30,2°C).
Попријатно време е забележано само на повисоките места, каде што Попова Шапка измери 20,7 степени, Претор 26,1, Крушево 26,9 и Охрид 28,2 степени.
Денеска времето се задржува сончево и многу топло, со максимални 40 степени во Скопје и висок УВ-индекс 9. Попладне мала нестабилност со грмежи е можна главно во планинските предели.
Промената започнува утре попладне. Синоптичарите најавуваат зголемување на облачноста со пороен дожд, грмежи, засилен ветер и услови за изолирано невреме со град. Од понеделник дневните температури ќе опаднат за неколку степени, но нестабилноста ќе се задржи со чести попладневни врнежи.