Jazz Inn е еден од последните бастиони на џез музиката во земјава. Култно место во Охрид и клуб кој цели 35 години успева не само да се одржи на охридската сцена, туку и да ја одржува во континуитет џез културата во градот и да донесе вредности на секоја нова генерација. Локал што нуди дружење, пријателство и чувство на припадност. Семеен бизнис и стил на живот. Собиралиште на публика која бара задоволство и уживање во добра музика. Место каде се негува џез културата.
Првите основачи на клубот во далечната 1989-та година, се охридските легенди Цицко и Јуре, кои после три години го предаваат локалот на сегашните сопственици.
-Локалот на почетокот на деведесетите години го превземаа нашите родители, а денес тука работиме јас и моите братучеди. И врзани сме некако сите за него. Како вени. Една да пресечеш и веднаш губиш. Семеен бизнис е тоа и сите се во него – вели Иво Христовски еден од сопствениците на Jazz Inn.
Во клубот низ годините се менуваат деталите, но концептот останува ист. Се обидуваме, велат сопствениците да бидеме модерни колку што дозволува брендот, но сепак да ја задржиме суштината и она што го сака публиката.
Јazz Inn- мал филтер на публика што бара задоволство и уживање
-Јас работам овде веќе 19 години, што значи дека сум постар од повеќето од муштериите кои доаѓаат тука. Кариерата ми е постара од муштериите. Така да, планирам сега боречка пензија да барам заради стажов и мислам дека ќе ми ја дадат, заслужено. Почнав од далечната 2005 кога имав 18 години, сега ќе правам 38. Така да подолго време работам овде отколку што не работам – вели Зоран Донев, вториот од сопствениците на Jazz Inn.
Да се биде член на ова џез семејство кое постои веќе 35 години, е голема чест и задоволство, велат Иво и Зоран.
– Годинава прославуваме еден значаен јубилеj и навистина е голема работа во државава затоа што џез и општо културава не само на Македонија, туку и во целиот Балкан и пошироко не е баш на многу високо ниво, напротив мислам дека има големо опаѓање. Ние сме ете една мала гранка што ја одржува културата во некој правец којшто не е баш популарен, а сепак постоиме и успеваме некако да одржиме чекор со културата и да вметнеме вредности што на други места ретко можат да се сретнат. Ние служиме и како еден мал филтер на публика што не е конфликтна и бара само задоволство и уживање. Покрај тоа што негуваме џез култура, негуваме и едно такво, да речам дружење, пријателство, чувство на припадност, каде што голем дел од публиката се чувствуваат како дома, вели Иво.
Kлуб со добра музика и добра Стендап комедија
Во Џез ин програмата се состои од музичка и стендап програма. Музичкиот дел се авторски бендови од државава и од надвор. Еден од концертите кои ќе остане запаметен е настапот на Васил Хаџиманов и неговите 6 музичари.
-Тоа беше една прекрасна свирка, што ќе ја паметиме цел живот, можеби и една од најдобрите што се случила во клубот, вели Зоран.
Порано репертоарот на локалот била класична џез музика, а денес објаснува Иво, се е доста измешано и нема стриктно само еден тип на џез, туку се слуша она што во моментот е популарно.
-Во последно време е популарен некој џез фјужн. И многу често ги имаме бендовите што го третираат токму тој некој фјужн, мешавина од повеќе џез стилови, што е супер затоа што е малку поприфатлив за публиката што не слуша џез, па можеш да ги привлечеш и нив- вели Иво.
Jazz Inn за 35 години од сега…
-За 35 години од сега, ќе имаме ние плус 35 од што имаме. Најверојатно уште ќе работиме овде. Се надевам дека и нашите деца ќе продолжат да работат. Притоа не гледам причина зошто нешто би менувале попат. Клубот си е автентичен и луѓето го препознаваат – ни вели Зоран