Елиминацијата на Хрватска од Светското првенство по поразот од Португалија со 2:1 беше една од главните теми во регионалните медиуми, кои натпреварот го опишаа како вистинска драма со трагичен крај за „коцкестите“.
Хрватска поведе преку Иван Перишиќ во 53. минута, но Португалија направи пресврт со головите на Кристијано Роналдо од пенал во 68. минута и Гонсало Рамош во судиското продолжение. Дополнителна горчина предизвика поништениот гол на Јошко Гвардиол во завршницата, по интервенција на ВАР поради офсајд.
Словенечките медиуми ја истакнаа драмата и разочарувањето на Хрватите. „РТВ Словенија“ напиша дека „Португалците повторно остануваат трн во петицата на Хрватите“, додека „24ur“ го нагласи победничкиот гол на Рамош во 94. минута.
Во Босна и Херцеговина, порталот „Klix“ објави дека Португалија со пресврт ја елиминирала Хрватска, а „Sportsport.ba“ натпреварот го нарече „филмска драма“, истакнувајќи дека Хрватите можат да жалат за пропуштените шанси во второто полувреме.
И српските медиуми посветија големо внимание на мечот. „B92“ пишува за „тотално лудило“ и пресврт во судиското продолжение, „Informer“ истакнува дека Роналдо ги испратил Хрватите дома, додека „Kurir“ оценува дека токму ВАР и сензорот во топката ја фрлиле Хрватска во очај по поништениот погодок.
Натпреварот, кој беше решен во самиот финиш, многумина го оценија како еден од најдраматичните на досегашниот тек на Светското првенство.