Во свет на беспрекорни дигитални слики и внимателно контролирана естетика, данската уметница Анне-Мет С. Сомер избира сосема поинаков пат, оној на случајноста, експериментот и несовршеноста. Нејзината работа со полароид фотографија, емулзиски лифтови и хемиски интервенции не ја третира сликата како фиксна реалност, туку како жив процес што постојано се менува. Токму затоа нејзиниот уметнички јазик често се движи на границата меѓу фотографија и објект, меѓу документ и емоција.
Анне-Мет С. Сомер е фотографка и визуелна уметница зад Kelter Photography. До 2017 година нејзината работа била фокусирана главно на свадбена, портретна и комерцијална фотографија. Сè се менува по посетата на The Photographers’ Gallery во Лондон, каде ја гледа полароид изложбата In an Instant од Вим Вендерс. Тоа искуство ја насочува кон експресивната и непредвидлива природа на полароид фотографијата. Од тој момент, таа ја гради својата уметничка пракса преку експериментални полароид процеси, развивајќи препознатлив визуелен јазик базиран на текстура, трансформација и несовршеност. Нејзината работа е изложувана на национално и меѓународно ниво. Во изложбата „Малите нешта“ се претставени избрани дела што го следат нејзиниот уметнички развој, од серијата „Течни фустани“ до понови истражувања како Polaroid Decay, film soup техники, интервенции со алкохолни бои и експериментални емулзиски лифтови.
Во разговорот за изложбата „Малите нешта“, организирана од Фестивалот за алтернативна фотографија- ЗРНО, Сомер зборува за моментот кога случајна „грешка“ станува почеток на цела серија, за меморијата што не е статична и за тоа зошто контролата понекогаш е најголемата пречка во уметничкиот процес.

Трн: Што беше тоа во тоа искуство што толку длабоко влијаеше врз вас и ја промени насоката на вашата работа?
Анне-Мет: Тоа всушност беше комбинација од две работи. Прво, ме привлече визуелниот јазик и специфичниот изглед на полароид фотографиите. Меките бои и малку избледените тонови носеа чувство на носталгија кое ми беше многу блиско. За мене, гледањето на тие слики не беше само гледање фотографија, туку повеќе како враќање во далечни спомени.
Вториот дел беше многу личен. Кога имав седум години, дедо ми ми ја подари првата камера. Не ја паметам самата камера, но многу јасно го паметам квадратниот формат на фотографиите. Изложбата на Вим Вендерс ги врати тие сеќавања. На некој начин, откривањето на полароид фотографијата беше повторно поврзување со нешто што сум го сакала како дете, но можеби сум го заборавила по пат. Ме потсети дека фотографијата може да биде подеднакво чувство колку и документ.
Трн: Голем дел од вашата уметност се базира на случајност, грешки и непредвидливост. Во свет кој често ја цени контролата и совршенството, што ве привлекува кај непредвидливото?
Анне-Мет: Она што ме привлекува кај непредвидливото е токму тоа што ме тера да се осмелам да ја пуштам контролата. Надвор од уметничката пракса, јас сум многу структурирана личност. Сакам планови, системи и предвидливост. Фотографијата е едно од ретките места каде свесно влегувам во неизвесност.
Работата со полароиди, емулзиски лифтови и хемиски процеси значи прифаќање дека не може сè да се контролира. Понекогаш најинтересниот резултат е оној што никогаш не сум го замислила. Тоа може да биде непријатно, но и ослободувачко. Процесот постојано ме потсетува дека креативноста често започнува таму каде што завршува сигурноста. Во моментот кога се обидувам да контролирам сè, ја губам квалитетата што ја барам во мојата работа. Затоа едноставно морам да се осмелам да ја изгубам контролата.

Трн: Серијата „Liquid Dresses“ започна со она што многу фотографи би го сметале за грешка. Зошто одлучивте да ја следите таа случајност наместо да ја поправите?
Анне-Мет: Би рекла затоа што таа „грешка“ всушност беше поинтересна од првичната намера.За време на мојот прв емулзиски лифт, сликата падна на плочка на начин кој не го планирав. Наместо неуспешна фотографија, видов форма што личеше на фустан. Таа неочекувана трансформација веднаш ја разбуди мојата љубопитност. Се почувствува како самиот материјал да ми предлага нов правец.
Наместо да ја поправам грешката, сакав да ја разберам. Почнав да истражувам дали таа случајна форма може да стане визуелен јазик сам по себе. Тоа што започна како техничка грешка, со време прерасна во цела серија од над 300 оригинални „Liquid Dresses“. Тоа ме научи дека грешките не се пречки; понекогаш тие се покани да гледаме поинаку и да избереме нови патишта.
Трн: Работите со чувствителни материјали и процеси што лесно можат да не успеат. Како прифаќањето на неуспехот влијаело врз вас како уметник и како личност?
Анне-Мет: Работата со кревки процеси ме научи дека неуспехот не е спротивност на успехот — тој е дел од него. Како уметник, научив дека некои од моите најзначајни дела произлегле токму од ситуации кога работите не се одвивале според планот. Неуспехот ме тера да останам отворена, адаптибилна и љубопитна, наместо врзана за однапред дефиниран резултат.
На лично ниво, мислам дека кога ќе престанеш да очекуваш совршенство, стануваш поцврсто приземјена личност. Сфаќаш дека грешките се дел од човечкото постоење. За мене, прифаќањето создава разбирање, разбирањето создава почит, а почитта создава поврзаност. Таа лекција оди многу подалеку од фотографијата.

Трн: Ве поврзуваат со Кинцуги – јапонската уметност на поправање скршени предмети со злато. Што значат несовршеноста и поправката за вас во култура која е сè повеќе опседната со совршени слики?
Анне-Мет: Наоѓам голема убавина во работи што носат траги од време, употреба и несовршеност. Во мојата практика ретко отфрлам полароид, дури и кога не е како што сум замислила. Делумно затоа што полароидите се скапи, но и поради одржливост и почит кон материјалот.
Живееме во култура која често слави совршени површини. Но несовршеностите откриваат историја, ранливост и карактер. Тие нè потсетуваат дека нешто било живеено, користено и трансформирано. Тука ја гледам врската со Кинцуги. Наместо да ги сокрие пукнатините, тој ги истакнува. На ист начин, верувам дека оштетените или несовршени слики можат да носат длабочина и човечност што совршените слики понекогаш ја немаат.
Трн: Многу од вашите дела излегуваат од рамките на фотографијата и стануваат речиси скулптурални објекти. Дали сè уште се гледате себеси како фотограф, или вашата уметничка идентичност се проширила?
Анне-Мет: Почнав како комерцијален фотограф, а потоа работев портрети и свадбена фотографија. Во тој период се идентификував 100% како фотограф. Со текот на времето, мојата работа стана помалку документарна, а повеќе трансформативна. Преку полароидите, емулзиските лифтови и експерименталните процеси, почнав да излегувам надвор од традиционалните граници на фотографијата. Денес се чувствувам поудобно кога се опишувам како фотографска уметница.
Таа разлика за мене е прашање на слобода. Ми дозволува да ги следам идеите каде и да водат, наместо таму каде што пазарот или клиентите очекуваат. Можеби не е најпрофитабилниот пат, но креативно е многу поисполнувачки.

Трн: Вашата изложба се вика „The Little Things“. Во брз и дигитален свет, кои се тие „мали нешта“ што луѓето често ги пропуштаат, а вас ве инспирираат?
Анне-Мет: Насловот се однесува и на физичката големина на полароидот, но и на нешто многу поголемо: способноста да го забележиме она што е пред нас. Често сме во потрага по следната цел, следното достигнување или дестинација, и така лесно ги пропуштаме малите моменти што му даваат смисла на животот. Цвет што цвета, детска смеа, познат насмев, светлина што се менува на ѕид, тоа се работите што ме инспирираат.
Често велам дека не ми треба да патувам на другиот крај од светот за да најдам интересни теми. Дајте ми неколку квадратни метри и можам да поминам часови набљудувајќи. Вонредното често се крие во обичното. Мојата работа е покана да забавиме и да обрнеме внимание.




Трн: Темите на меморија, трансформација и кревкост се провлекуваат низ вашите „Polaroid Decays“ и емулзиски лифтови. Дали се обидувате да ги зачувате спомените или повеќе ве интересира како тие се менуваат?
Анне-Мет: Повеќе ме интересира како спомените се менуваат отколку да ги зачувам точно како што биле. Меморијата не е фиксна фотографија. Секој пат кога се навраќаме на неа, таа се менува. Се меша со имагинација, емоции и време. Тој процес ме фасцинира, и се надевам дека е видлив и во мојата работа.
Еднаш посетител ми рече дека моите фотографии изгледаат „како некаде помеѓу сон и реалност“. Тоа е веројатно најточниот опис што сум го слушнала. Ме интересира таа зона каде спомените повеќе не се факти, туку емоционален пејзаж. Полароидот станува начин да се визуелизира како се сеќаваме, а не што навистина се случило.
Трн: Изложбата се отвора во Скопје. Што ве интересира кај прикажувањето на уметноста во различни културни контексти и што очекувате публиката во Македонија да понесе со себе?
Анне-Мет: Најмногу ме интересира како луѓе од различни културни средини реагираат на исто дело. Иако нашите истории и традиции се различни, емоциите често се универзални — меморија, надеж, носталгија, љубопитност и загуба.
Меѓународните изложби создаваат простор за дијалог. Ми овозможуваат да учам од луѓето што ги среќавам и да ја видам сопствената култура со нови очи. Особено се радувам да ја доживеам македонската култура и таа размена на човечко ниво.
Трн: Ако посетителите од „The Little Things“ запомнат само едно чувство, идеја или прашање, кое би сакале да биде тоа?
Анне-Мет: Ако треба да издвојам едно нешто, би сакала тоа да биде обновена свесност за убавината во секојдневието. Покрај тоа, се надевам дека изложбата ќе создаде мал простор за поврзување, размислување и меѓусебно разбирање.
Ако некој ја напушти изложбата носејќи мисла, сеќавање или прашање кое останува со него и надвор од галеријата, тогаш делото ја исполнило својата цел. Уметноста не може да го промени светот преку ноќ, но може да го промени начинот на кој гледаме еден момент — а понекогаш тоа е сосема доволно.