ВИДЕО: Околу 1.800 луѓе со јажиња влечеа јапонски замок тежок 360 тони

Со вековна техника „хикија“ и силата на стотици граѓани, историската кула на замокот Хиросаки се враќа на првичната позиција.

Околу 1.800 луѓе учествуваа во необичен потфат во северниот дел на Јапонија, влечејќи ја со јажиња масивната кула на замокот Хиросаки, тешка 360 тони. Граѓаните и ентузијастите ја помрднаа историската градба нешто повеќе од два метра, враќајќи ја чекор поблиску до нејзината првична локација во рамки на повеќегодишниот проект за санација на камениот ѕид.

Утврдената кула мораше привремено да се измести од своето лежиште за инженерите да можат темелно да го санираат масивниот камен потпорен ѕид, оштетен во силниот земјотрес од 2015 година.

Наместо скапо и ризично расклопување на дрвената конструкција, јапонските реставратори ја применија традиционалната метода „хикија“. Станува збор за вековна инженериска постапка при која целиот објект внимателно се подигнува, се поставува на систем од валјаци и шини, па потоа постепено се влече до саканата точка.

„Кулата претставува национално културно богатство и затоа не сакавме да ја расклопуваме. Ја користиме хикија, метода за преместување објекти што во Јапонија постои од дамнешни времиња“, појасни Кенсуке Хајасака, раководител на градскиот оддел за паркови и зелени површини.

Откако санацијата на камениот бедем заврши, локалните власти одлучија повторно да ја вклучат јавноста во финалниот дел од процесот. Интересот беше огромен. За 1.800 предвидени места се пријавија околу 8.000 доброволци од цела Јапонија и странство.

Распоредени во тимови од по 80 лица, учесниците влечеа специјални јажиња долги 30 метри. Во саботата успеаја да ја поместат конструкцијата за 1,13 метри, а во неделата додадоа уште 1,09 метри. Со овој заеднички физички напор, кулата е доведена на својата автентична позиција каде што стоела со векови.

е-Трн да боцка во твојот инбокс