Драган Арсовски, Македонско еколошко друштво: „Езерани е бубрегот на Преспанското Езеро“

Климатските промени, ширењето на земјоделските површини и човечките активности се најголемите закани за Паркот на природата Езерани. Во интервју за TRN, Драган Арсовски од Македонското еколошко друштво зборува за значењето на ова уникатно влажно живеалиште, неговите ретки видови и зошто неговата заштита е клучна за иднината на Преспанскиот регион

Кога ќе се спомене Преспа, најчесто мислиме на езерото. Но веднаш покрај него се наоѓа Езерани – едно од највредните влажни живеалишта во Македонија, дом на бројни растителни и животински видови и природен филтер што го одржува здравјето на Преспанското Езеро. Климатските промени, сушите, интензивното земјоделство и другите човечки активности сè повеќе го менуваат овој чувствителен екосистем. За тоа што значи Езерани за биодиверзитетот, со какви закани се соочува и како науката и локалната заедница можат заедно да придонесат за негово зачувување, разговаравме со Драган Арсовски од Македонското еколошко друштво.

ТРН: Какво е значењето на Езерани за биодиверзитетот во Македонија и пошироко за Преспанскиот регион?

Драган: Огромно е значењето за биодиверзитетот на Езерани. Всушност, на сите природни региони во Македонија значењето е големо, секако не само за Преспа туку за целата држава. Меѓутоа, Езерани можеме да го издвоиме како едно особено важно живеалиште бидејќи се карактеризира со голем процент на влажни живеалишта, блата и заблатени делови.

Тие се голема реткост, не само во земјава, туку и во целиот свет, а особено во Преспанскиот регион што се наоѓа во поширокиот медитерански регион. Затоа овие влажни живеалишта може да се класифицираат како доста ранливи, особено на климатските промени за кои слушаме сè повеќе и повеќе, а ги обележуваат помалку врнежи.

Знаеме дека Преспанското Езеро на некој начин е лицето на климатските промени во Македонија во последно време, со повлекувањето на водата, а едно влажно живеалиште како Езерани е уште поочигледен пример за тоа.

Езерани се наоѓа на северното крајбрежје на Преспанското Езеро и претставува еден негов продолжеток кој не е целосно под вода како самото езеро. Има делови што се постојано под вода, други што периодично се поплавуваат, па се сушат. Токму тие карактеристики го прават особено важно, бидејќи постојат животни и растенија што зависат токму од такви услови. На пример, постојат водоземци што се размножуваат во текот на пролетта кога ќе се поплават овие делови, а потоа е потребно тие повторно да се исушат за да не навлезе риба која следната година би го изела подмладокот. Ова е само еден пример кој покажува колку е специфично Езерани и зошто мора особено да го заштитиме. Секако, мораме да ги заштитиме сите природни делови од Македонија, но Езерани навистина има посебно место.

ТРН: Кои се растителните и животинските видови што се карактеристични токму за ова живеалиште?

Драган: Бидејќи се карактеризира со голем процент на влажни, поплавени живеалишта, сите оние видови што зависат од вакви услови се карактеристични за Езерани и токму тие во најголема мера му го даваат значењето на самиот Парк на природата. Тоа се пред сè водоземците. Жабите се едни од нив и најдобро ги познаваме, но тука се и мрморците, опашести водоземци кои имаат особено добри популации во Езерани.

Потоа следуваат водните птици. Сите птици се важни, но оние што зависат од влажните живеалишта, кои се хранат со риба и се гнездат во трските, се особено значајни за Езерани. Токму овие птици биле причината поради која во 1996 година Езерани првпат било прогласено за строг природен резерват.

ТРН: Кои се денес најголемите предизвици – загадувањето, климатските промени, човечката активност?

Драган: Па, сите. All of the above, што би рекле. Климатските промени се една хоризонтална закана што ја чувствуваме сите. Денес, на овој летен ден, ја чувствуваме и во невлажните живеалишта. Но во Преспа, а особено во едно влажно живеалиште како Езерани, тие предизвикуваат големо испарување. Тоа значи дека поплавувањето што го очекуваме во пролетните периоди трае сè пократко.

Ако трае пократко, може да не им остави доволно време на некои животни да го завршат својот репродуктивен циклус. Во години кога има голема суша може целосно да изостане подмладок кај одредени видови и тоа може да биде особено катастрофално. Оваа година е исклучок. Како што видовме, пролетта беше доста влажна, не само во Преспа, туку и во целата држава. Тоа ни буди надеж бидејќи кога работевме јас и моите колеги во Езерани навистина затекнавме многу повеќе поплавени региони и многу повеќе живот. Се чини дека и малку повеќе влажност веднаш го враќа животот. Но се надевам дека ова нема да биде само ефемерен исклучок. За жал, трендовите покажуваат дека веројатно ќе биде токму тоа – исклучок.

Освен климатските промени, Езерани се соочува и со закани од човекот. Антропогеното влијание е големо, особено земјоделските активности што се одвиваат во околината и во самиот парк. Паркот на природата не е целосно државно земјиште. Постојат приватни парцели кои постоеле и пред прогласувањето на заштитеното подрачје, што значи дека сопствениците можат да го менуваат начинот на користење. Континуирано гледаме како природни површини се претвораат во земјоделски.

Така наместо поплавени делови населени со водоземци, птици и други видови, добиваме монокултури – најчесто јаболкови насади во Преспа. Човекот ја населува Преспа со векови, па дури и милениуми, според археолошките наоди. Она што Македонското еколошко друштво го застапува не е дека човекот не треба да биде таму. Напротив. Треба да биде таму, но мора да изнајдеме поодржливи начини на користење на просторот.

Езерани е влажно живеалиште што нуди огромни екосистемски услуги. Мочуриштата и големите влажни живеалишта како Езерани се всушност бубрезите на нашите природни езера.

Езерани е еден голем бубрег, можеби малку болен, кој ја прочистува водата што потоа влегува во Преспанското Езеро. Таа вода овозможува рибите да се размножуваат, а потоа рибарите да имаат повеќе улов. Истата вода ја храни и почвата, правејќи ја поплодна за земјоделските култури. Но тоа мора да биде плански. Треба подобро да ја следиме динамиката на живеалиштата каде се развива нова шума, каде имало пожар, дали има потреба од реставрација, каде има потенцијал за земјоделство, а каде не.

Антропогеното влијание, кога е надвор од контрола и нерегулирано, може да биде многу катастрофално. Знаеме дека повремено имало организирани тури за лов на диви птици во Езерани. Тоа може да биде многу штетно. Можеби во резервати како Езерани таквите активности треба целосно да се избегнат.

Во последните години некои птици повеќе не се среќаваат таму и можно е токму тоа да е една од причините. Само континуираниот мониторинг и научноистражувачката работа можат да ни дадат точни одговори, а токму тоа е она што Македонското еколошко друштво го прави.

ТРН: Кажи ни повеќе за активностите што ги спроведува Македонското еколошко друштво во Езерани.

Драган: Македонското еколошко друштво работи во Преспа уште од осумдесеттите години на минатиот век. Некогаш помалку организирано, некогаш повеќе, но денес од година во година спроведуваме континуиран мониторинг на видовите за кои имаме експертиза. Водните птици се мониторираат секоја година и во влажните ливади и во рипариските шуми, односно крајбрежните шуми кои се многу ретки и специфични за Езерани. Вршиме мониторинг и на водоземците, растенијата и многу други видови.

Освен мониторингот, спроведуваме и активности за реставрација на живеалиштата. Во последните пет-шест години работиме на реставрација на еловите шуми едни од тие рипариски крајбрежни шуми што се ретки и во Европската Унија се препознаени како приоритетно живеалиште. Собираме локално семе, заедно со локалното шумско одделение произведуваме садници и ги засадуваме, со што ги зајакнуваме шумите. Работиме и на менаџмент на влажните ливади. Тие се поплавени напролет, а потоа се сушат. Заедно со локалното население ги мотивираме тие ливади да се косат. Со тоа хранливите материи не се враќаат назад во езерото, со што се намалува неговото стареење и загадување.

Од друга страна, со косењето создаваме таканаречени fire breaks – заштитни појаси кои, доколку избувне пожар, можат да спречат негово понатамошно ширење. Имаме навистина многу активности во Паркот на природата Езерани.

Најважно од сè е што се обидуваме да го вклучиме локалното население, бидејќи само така може да се постигне долгорочна одржливост. Тревата што се коси не се фрла. Се донира на локалните фармери како храна за добитокот. Дел од неа секоја година се донира и на Националниот парк Галичица, каде се користи за исхрана на елените во репроцентарот. Така создаваме еден кружен, логичен систем дури и кога станува збор за заштита на природата, која вообичаено се смета само за трошок.

ТРН: Колку е важна улогата на локалната заедница и на посетителите во зачувувањето на Езерани?

Драган: Многу е важна. Само преку локалното население може да дадеме одржливост на сето ова што го правиме. Не смее сè да зависи од тоа дали има проект или финансии. Треба локалците да бидат вклучени за процесот сам да продолжи. Понекогаш е лесно, понекогаш е тешко. Секој човек има свој начин на живот и не секогаш можеш да убедиш некого дека нешто е добро или лошо.

Но кога ќе се понуди решение што носи корист и за природата и за локалното население, како косењето на ливадите и донирањето на сеното, тогаш може да се постигне вистинска одржливост. Тоа не се постигнува за една, две или три години. Навиките се градат со години. Ако е тешко да се смени навика кај еден човек, замислете колку е тешко кај едно цело општество.

Потребни се многу време, многу труд и континуираност. Но не е невозможно.

Освен со локалното население, работиме и со најмладите. Речиси секоја година организираме теренски тури со локалните училишта. Ги носиме учениците во Паркот на природата Езерани за да видат од прва рака како изгледа научноистражувачката работа. Тоа е нешто што јас како дете би го посакувал. Се надеваме дека барем едно од тие деца ќе се пронајде во оваа работа и за десетина години ќе биде следниот научен истражувач или следниот човек што ќе го штити Езерани.

Затоа улогата на локалното население е огромна.Работата е тешка, бара континуитет, трпение и напор за да се изградат нови навики. Но не е невозможна.

е-Трн да боцка во твојот инбокс