Грција го претвора филмот на Нолан во туристички бум низ Пелопонез и Итака

Атина и локалните власти отвораат нови патеки инспирирани од Хомер, обидувајќи се кинематографскиот хит да го преточат во чист приход.

Грчката влада и туристичките работници започнаа кампања за искористување на интересот предизвикан од новата филмска адаптација на хомеровата „Одисеја“ во режија на Кристофер Нолан. Блокбастерот, чии клучни сцени се снимаа на автентични грчки локации, послужи како повод за премиерот Киријакос Мицотакис лично да му се заблагодари на режисерот преку видеоконференција, со најава за претворање на филмскиот бран во долгорочен туристички прилив за земјата.

Голем дел од кадрите за новата екранизација се снимени на познати историски и природни локалитети во Грција. Меѓу нив се пештерата на Нестор, заливот Воидокилија, тврдината Метони и Акрокоринт. Грчкиот премиер истакна дека ваквите продукции создаваат директна врска меѓу богатото културно наследство и современата креативна индустрија. За домашната економија, главниот фокус сега е привлекување публика која сака во живо да ги види пределите од митовите.

Регионалните власти на Пелопонез веќе работат на тематската програма наречена „Патот на Одисеја, хомеровски Пелопонез“. Проектот вклучува поставување специјална патна сигнализација и дигитален водич што ќе ги поврзе местата на снимање со античките локалитети.

Истовремено, Грчката национална туристичка организација организираше студиски патувања за странски новинари на островот Итака, што резултираше со специјални репортажи во водечките европски медиуми, вклучувајќи го и францускиот весник „Фигаро“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс