Франција ги засили безбедносните мерки поради стравувањата од нов бран насилство за време на протестите против зголемувањето на трошоците за живот и социјалната нееднаквост. Министерот за внатрешни работи Лоран Нунез распореди 70.000 полицајци низ земјата за демонстрациите во саботата, односно 10.000 повеќе отколку една недела претходно.
Властите очекуваат голем број демонстранти на улиците, но стравуваат и од можни судири, вандализам и грабежи. Според Нунез, постојат повици за немири што доаѓаат од политички групи, но и од лица поврзани со криминални активности.
„Мораме да реагираме исклучително брзо“, изјави францускиот министер, предупредувајќи дека ги очекува долг ден на терен.
Лувр и други знаменитости во Париз затворени поради протестите
Во Париз безбедносните мерки се особено строги. Антитерористички единици патролираат по булеварот Шанзелизе, а полициски возила го обезбедуваат подрачјето околу Триумфалната капија. Голем број продавници ги заштитиле излозите, стравувајќи од оштетувања и грабежи.
Културни институции, меѓу кои музејот Лувр и Париската опера, останаа затворени, а сообраќајот беше прекинат на повеќе од 20 метро-станици.
Продавниците со скапа стока се меѓу најзагрозените поради грабежите и вандализмот забележани претходниот викенд во градови како Париз, Марсеј и Бордо. Филијалите на „Ролекс“ и „Де Бирс“ во близина на плоштадот Вандом останаа затворени, додека продавница на „Лакост“, која претрпела големи оштетувања претходната недела, била целосно заштитена со метални решетки.
И продавниците на „Адидас“ и „Хуго Бос“ на Шанзелизе ги известиле клиентите дека нема да работат.
Луксузниот конгломерат ЛВМХ го засили обезбедувањето на продавниците на „Луј Витон“, „Диор“ и „Булгари“, ангажирајќи и дополнителни приватни безбедносни служби. Дополнителни мерки вовеле и „Ермес“ и стоковната куќа „Прентампс“.
Ограничувања за демонстрациите и во други градови
Неизвесно е каде ќе се одржи главниот протест во Париз, откако полицијата се обиде да ја пренасочи најавената маршрута од центарот кон југоисточниот дел на француската престолнина.
Париската полициска префектура оцени дека првично предложената маршрута претставува сериозна опасност за јавниот ред, особено поради големата концентрација на продавници.
Одлуката предизвика критики од левичарскиот политичар Жан-Лик Меланшон, кој на платформата Икс обвини дека властите повторно ги попречуваат протестните маршеви и им оставаат на организаторите премалку време за да ги реорганизираат собирите.
Ограничувања за демонстрациите се воведени и во други француски градови, меѓу кои Мец, Нанси и Лимож.
Протестите во чувствителен политички момент
Демонстрациите се одржуваат во период на политичка неизвесност во Франција. За шест месеци се очекува одржување на изборите за наследник на претседателот Емануел Макрон, што дополнително го засилува политичкиот контекст во кој се одвиваат протестите.
Незадоволството поради трошоците за живот и нееднаквоста е во фокусот на демонстрациите, додека властите се обидуваат да спречат повторување на претходните насилни инциденти.
Извор: Ројтерс и Франс прес.
