Германскиот канцелар Фридрих Мерц повика на единство во владејачката коалиција, предупредувајќи дека Германија се соочува со сè поголеми закани од политичкиот екстремизам и со, како што рече, секојдневни руски обиди за дестабилизација на земјата.
Говорејќи на конференција на Христијанско-социјалната унија (ЦСУ), баварската сестринска партија на неговите конзервативни христијански демократи (ЦДУ), Мерц оцени дека Германија се соочува со „исклучително сериозни предизвици“.
„Како можеме да ги заштитиме нашата слобода и безбедност во Европа, соочени со сè поголеми закани од екстремистите во земјата и од странските сили однадвор?“, праша германскиот канцелар.
Тој повторно се спротивстави на каква било промена на политиката на изолирање на крајнодесничарската Алтернатива за Германија (АфД), позната како „заштитен ѕид“. Во неговата партија во изминатиот период се појавија повици да се разгледа можен модел за соработка со АфД.
Мерц: Поддржувачите на АфД немаат место во нашата унија
„Кој смета дека треба да гласа за тие луѓе, нема место во нашата унија. Таквите немаат место меѓу нас“, порача Мерц на собирот.
Тој ги повика и социјалдемократите (СПД) и Зелените да не влегуваат во коалиција со партијата Левица во Берлин. Ја обвини Левица дека толерира антисемитизам во сопствените редови, што партијата го отфрла, негирајќи дека во неа постои систематски антисемитизам.
Мерц предупреди и на „огромната закана“ од Русија, за која рече дека настојува „секојдневно да ја дестабилизира Германија“.
Односите меѓу Берлин и Москва паднаа на најниско ниво од Студената војна по руската инвазија врз Украина во 2022 година. Русија, сепак, ги отфрла обвинувањата дека води хибридна кампања против Германија и други европски земји.
Политички притисок по изборните порази
Изјавите на Мерц доаѓаат по неколку недели тензии во владејачката коалиција, по тешките порази на регионалните избори во источна Германија. Таму, крајнодесничарската АфД освои најмногу гласови во две сојузни покраини, додека крајнолевичарската партија Левица победи на изборите во Берлин.
Во меѓувреме, популарноста на Мерц падна на рекордно ниско ниво, што дополнително го зголемува притисокот врз германскиот канцелар и неговата политичка коалиција.
