Денеска започнува осминафиналната фаза на Светското првенство во фудбал, а на програмата се првите два натпревари од елиминациската рунда. Според најавите, фаворити за пласман во четвртфиналето се репрезентациите на Мароко и Франција.
Денешна програма
- Канада – Мароко (19:00 часот)
- Парагвај – Франција (23:00 часот)
Познати се сите двојки од осминафиналето
- Канада – Мароко (4 јули, 19:00)
- Парагвај – Франција (4 јули, 23:00)
- Бразил – Норвешка (5 јули, 22:00)
- Мексико – Англија (6 јули, 02:00)
- Португалија – Шпанија (6 јули, 21:00)
- САД – Белгија (7 јули, 02:00)
- Аргентина – Египет (7 јули, 18:00)
- Швајцарија – Колумбија (7 јули, 22:00)
Лисандро Мартинез: Ќе заплачам кога ќе помислам низ што поминав
Херојот на победата на Аргентина над Зеленортските Острови, Лисандро Мартинез, емотивно зборуваше по натпреварот. „Ќе ми дојде да заплачам кога ќе се сетам низ што поминав поради повредата. Не знам ни каде сум. Да не се родеше ќерка ми токму во тој период, не знам дали денес воопшто ќе бев тука. А сега постигнав гол на Светско првенство“, изјави аргентинскиот дефанзивец.
Историја на Мундијалите: Двете селекции направија измени пред 15. минута
Натпреварот меѓу Колумбија и Гана влезе во историјата на Светските првенства бидејќи двете репрезентации беа принудени да направат измени уште во првите 15 минути. Во 8. минута се повреди Џон Кордоба, кого го замени Луис Суарез, а само пет минути подоцна поради повреда теренот го напушти и ганскиот бек Марвин Сенаја, на чие место влезе Алиду Сеиду.
Ова е првпат во историјата на Светските првенства двете екипи да направат принудни измени пред истекот на 15. минута.
Меси: Знаевме дека ќе биде многу тешко
По драматичната победа од 3:2 по продолженија против Зеленортските Острови, капитенот на Аргентина, Лионел Меси, призна дека неговата репрезентација очекувала тежок натпревар. „Знаевме дека ќе биде многу тешко. Не е случајно што оваа репрезентација не загуби ниту од Шпанија, ниту од Уругвај. Го направивме најтешкиот дел – постигнавме гол. Потоа требаше да ја смириме играта, но се случи токму спротивното“, изјави Меси.