Вулкан на Антарктикот исфрла микроскопски честички чисто злато

Вулканот Еребус на Антарктикот е единствениот познат вулкан што исфрла микроскопски кристали чисто злато, феномен што и натаму ги збунува научниците.

Вулканот Еребус на Антарктикот е единствениот познат вулкан во светот за кој постојат докази дека од својата внатрешност исфрла честички чисто злато.

Микроскопските честички, според истражувачите, можат со ветровите да бидат однесени и до 1.000 километри од местото на ерупција.

Еребус се наоѓа на островот Рос, во Росовото Море, околу 1.350 километри од географскиот Јужен Пол, и се издига на 3.792 метри надморска височина.

Станува збор за најјужниот активен вулкан во светот, чиј кратер со децении содржи трајно езеро од лава.

Вулкан покриен со мраз, но активен со децении

Иако речиси цела година е покриен со снег и мраз, Еребус се однесува како и многу други активни вулкани.

Повремено исфрла лава, вулканска пепел и облаци од жешки гасови.

Но истражувачите утврдиле дека во таа мешавина има и ситни честички чисто злато.

Сепак, тоа не значи дека Антарктикот може да стане место за лесно „златно“ богатство. Еребус дневно исфрла околу 80 грама златна прашина во форма на микроскопски кристали.

Не исфрла најмногу злато, но исфрла „чисто злато“

Присуството на злато во вулкански емисии не е невообичаено.

Еребус не е ниту вулканот што исфрла најголеми количини злато. На пример, Етна дневно може да исфрли и до 2,5 килограми.

Но разликата е во формата.

Кај други вулкани златото обично е врзано во хемиски соединенија или се ослободува во гасовита форма. Еребус, пак, во атмосферата исфрла поединечни кристали елементарно, односно чисто злато.

Прашањето што ги збунува научниците

Научниците сè уште не знаат целосно како златото успева да излезе од магмата, да се одвои од хемиските соединенија и да се формира во кристали со големина од 20 до 60 микрометри.

Една теорија е дека златото во магмата создава испарливи соединенија со хлор. Тие заедно со вулканските гасови излегуваат во атмосферата, каде се ладат, по што златото кристализира и се таложи на антарктичкиот мраз.

Но овој модел има слабост: вулканскиот гас содржи многу мали количини злато, па спонтаното создавање правилни кристали во воздухот е малку веројатно.

Мистерија стара повеќе од 30 години

Друго можно објаснување е дека кристалите злато постепено се создаваат во кората што се формира на површината на лавиното езеро, а потоа вулканските гасови ги подигаат високо во атмосферата.

Иако поминаа повеќе од 30 години од откритието дека вулканот опкружен со мраз исфрла кристали злато, начинот на кој Еребус ги создава и исфрла овие ситни честички сè уште не е целосно разјаснет.

е-Трн да боцка во твојот инбокс