31 година од геноцидот во Сребреница: Во Поточари ќе бидат погребани уште 10 идентификувани жртви

Во Меморијалниот центар Поточари денеска се одбележуваат 31 година од геноцидот во Сребреница. Ќе бидат погребани посмртните останки на 10 новоидентификувани жртви, додека потрагата по исчезнатите продолжува.

Во Меморијалниот центар Поточари денеска се одржува комеморација по повод 31-годишнината од геноцидот во Сребреница, при што ќе бидат погребани посмртните останки на 10 новоидентификувани жртви. Најмладата жртва што ќе биде погребана е Сенад Јусиќ, кој имал 20 години во моментот на смртта, додека најстарата е Рамо Даутиќ, роден во 1939 година, кој ќе биде погребан покрај својот брат Јусо.

Со денешните погреби, бројот на жртви закопани во Меморијалниот центар Поточари ќе се зголеми, а досега таму се погребани 6.772 жртви на геноцидот во Сребреница. Институтот за исчезнати лица на Босна и Херцеговина сè уште трага по околу 900 исчезнати лица. Комеморацијата во Поточари ја обезбедуваат припадници на Министерството за внатрешни работи на Република Српска, во координација со полициските и безбедносните агенции на Босна и Херцеговина.

„Маршот на мирот“ како потсетување на трагичниот пат

Пред комеморацијата се одржа традиционалниот тридневен „Марш на мирот“, во кој илјадници учесници од Босна и Херцеговина, регионот и светот пешачеа по патеката по која во јули 1995 година жителите на Сребреница се обидувале да стигнат до територија под контрола на Армијата на Република БиХ, по падот на градот.

Сребреница во тој период беше прогласена за заштитена зона под контрола на Обединетите нации, но во јули 1995 година беше заземена од силите на Војската на Република Српска.

Меѓународно признание на 11 јули како ден на сеќавање

Генералното собрание на Обединетите нации во мај 2024 година усвои резолуција со која 11 јули е прогласен за Меѓународен ден на сеќавање и одбележување на геноцидот во Сребреница. Меѓународниот суд на правдата во Хаг во 2007 година утврди дека во Сребреница бил извршен геноцид.

Според официјалните податоци, во јули 1995 година биле убиени повеќе од 8.000 бошњачки мажи и момчиња, а околу 30.000 жени, деца и постари лица биле протерани од областа.

За геноцидот и воените злосторства во Сребреница, пред различни меѓународни и национални судови се осудени повеќе од 50 лица, меѓу кои и поранешниот претседател на Република Српска, Радован Караџиќ, и командантот на Војската на Република Српска, Ратко Младиќ, кои добија доживотни казни затвор.

е-Трн да боцка во твојот инбокс