Девет активности за 24 часа: авантуристички предизвик ќе ја покаже Македонија низ воздух, земја и вода

На 26 јули оваа година, во Македонија ќе се одржи „24h Адреналин”, спортско-авантуристички предизвик во кој двајца учесници, во рок од 24 часа, ќе се обидат да поврзат девет различни активности низ воздух, земја и вода.

Предизвикот ќе започне со изгрejсонце на аеродромот Стенковец, а ќе заврши доцна навечер на брегот на Охридското Езеро. Во текот на еден ден, учесниците ќе поминат стотици километри низ Македонија, менувајќи различни начини на движење и совладувајќи активности што бараат физичка подготвеност, концентрација и издржливост.

Во рамките на предизвикот ќе бидат реализирани: лет со спортски авион, падобрански скок, параглајдерски лет, мото-тура низ Галичица, искачување на Via Ferrata, MTB downhill спуст, нуркање, кајак и Stand Up Paddle (SUP).

Главната цел на предизвикот не е поставување рекорд, туку промоција на авантуристичкиот туризам, спортовите на отворено и природните можности што ги нуди Македонија. Проектот е иницирен од Јане Стефанов и Љубомир Нетков, долгогодишни инструктори и ентузијасти во повеќе адреналински дисциплини. Во неговата реализација ќе учествуваат и бројни локални експерти, пилоти, инструктори, нуркачи, велосипедисти, медицински лица и логистички тимови, кои ќе ги придружуваат учесниците во различните делови од предизвикот.

Настанот ќе биде документиран преку фотографии, видеоматеријали и содржини на социјалните мрежи, преку кои јавноста ќе може да го следи текот на предизвикот. Целта е „24h Адреналин” да прерасне во традиционален проект што ќе ја позиционира Македонија како дестинација за авантуристички туризам и спортови на отворено, истовремено поврзувајќи ги локалните спортски заедници, експертите и ентузијастите околу една заедничка идеја.

„24h Адреналин” е независен авантуристички проект создаден за да покаже колку различни спортски и природни искуства можат да се поврзат во Македонија во текот на само еден ден. Проектот ги обединува воздухопловните, планинските, моторните и водените активности во едно 24-часовно патување низ земјата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс