Apple веќе тестирал перископска телефото камера од 200 мегапиксели за iPhone, но таа технологија, според најновите информации нема да стигне во уредите уште најмалку неколку години. Најрано можно сценарио за нејзино воведување е 2028 година.
Според објавените информации, Apple и понатаму дава предност на оптичката флексибилност и перформансите при слаба светлина, наместо на трката по што поголема резолуција. Така, iPhone 18 Pro наводно се очекува со главна камера од 48MP со променлива бленда, како и со 48MP телефото камера со подолга фокусна должина и поголема бленда.
Камера од 200MP би претставувала голем исчекор за iPhone, особено во делот на зумирањето. Таков сензор би овозможил зум со зачуван квалитет, односно подалечните фотографии да останат остри без падот во квалитет што најчесто доаѓа со дигиталниот зум. Дополнително, фотографиите снимени со полна резолуција би можеле многу повеќе да се кројат и да се печатат во поголем формат без губење на квалитетот.
Засега, единствена категорија на камера за која не се споменува премин кон 200MP е ултрашироката камера. Apple првпат воведе тетрапризма телефото камера со iPhone 15 Pro Max, а технологијата со променлива бленда сега, според најавите, се движи кон iPhone 18 Pro.
Во меѓувреме, Android производителите веќе имаат предност во овој сегмент. Vivo X100 Ultra прв го понуди овој тип технологија во 2024 година, а потоа следуваа OPPO Find X9 Pro, Xiaomi 15 Ultra и HONOR Magic 7 Pro.
Дополнителен сигнал дека Apple нема брзо да влезе во оваа трка доаѓа и од Morgan Stanley, кој исто така проценува дека 200MP камера кај iPhone нема да има пред 2028 година. Тоа е промена во однос на претходните гласини од март, кога истиот дојавувач тврдеше дека новиот сензор би можел да пристигне веќе следната година. Сега, според новите информации, доказите од синџирот на снабдување веќе не го поддржуваат тоа тврдење.