12 години од трагедијата на MH17: 298 жртви, Русија сè уште молчи

Европскиот суд за човекови права и Советот на ИКАО веќе утврдија одговорност, но Москва одби преговори за отштета и се жали пред Меѓународниот суд на правдата.
Фото: EPA/LLOYD JONES

Дванаесет години по соборувањето на летот MH17 на Malaysia Airlines над источна Украина, на 17 јули Европската Унија и украинското Министерство за надворешни работи повторно ја повикаа Русија да ја признае одговорноста за трагедијата во која загинаа 298 луѓе. Повиците доаѓаат откако Европскиот суд за човекови права и Советот на Меѓународната организација за цивилно воздухопловство (ИКАО) во 2025 година утврдија дека Русија е одговорна за настанот.

Европскиот суд за човекови права на 9 јули 2025 година пресуди дека Русија е одговорна за соборувањето на MH17 и за смртта на сите 298 лица во авионот. Судот едногласно утврди дека Русија ја прекршила Европската конвенција за човекови права, а одговорна е и за дополнителното страдање предизвикано кај семејствата на жртвите.

Слична одлука донесе и Советот на ИКАО на 12 мај 2025 година, кога заклучи дека Русија го прекршила меѓународното право што забранува употреба на оружје против цивилен авион во лет.

Со посебна одлука од 30 јуни 2025 година, Советот на ИКАО ги задолжи Австралија и Холандија, како подносителки на барањето, и Русија, како одговорна страна, да отпочнат преговори во добра волја за целосна отштета. Австралија и Холандија во август 2025 година испратија две вербални ноти со барање Русија веднаш да отпочне преговори.

Русија не одговори на барањето. Наместо тоа, на 18 септември 2025 година поднесе тужба против Австралија и Холандија пред Меѓународниот суд на правдата, користејќи го правото на жалба против одлуките на Советот на ИКАО.

Високата претставничка на ЕУ, во изјава по повод годишнината, изрази почит за 298-те жртви, меѓу кои 80 деца од 17 националности, повеќето граѓани на европски земји. ЕУ го поздрави наодот на ЕСЧП и на ИКАО и повика Русија да ја прифати одговорноста и целосно да соработува во постигнувањето вистина и правда, во согласност со Резолуцијата 2166 на Советот за безбедност на ОН.

Министерството за надворешни работи на Украина, во своја објава по повод годишнината, наведе дека на 17 јули 2014 година руски воени лица и лица под нивна директна контрола го собориле цивилниот авион со противвоздушен ракетен систем донесен од територијата на Руската Федерација. Министерството настанот го опиша како чин на „руски терор“ и порача дека вистината е посилна од лагите и државниот терор.

е-Трн да боцка во твојот инбокс