11 август 1992: Македонија доби химна што остана и знаме што траеше само три години

Два симбола, усвоени во ист ден и со иста цел да ја претставуваат новата независна држава но со две сосема различни судбини.

На 11 август 1992 година, Собранието на Република Македонија со една седница ги определи симболите на новата, независна држава и го усвои законот за државното знаме и химна. Химната „Денес над Македонија“ остана непроменета до денес, веќе 34 години. Знамето пак имаше многу пократок и подраматичен животен век и по само три години, во целосно поинакви околности, беше заменето со денешниот дизајн.

Конкурс со 36 предлози за химна

Според Уставот од 1991 година, химна на новата држава не била автоматски усвоена, туку требало да се определи со закон, во рок од шест месеци. Собраниската комисија за уставни прашања на 25 март 1992 година објавила јавен конкурс за предлози за грб, знаме и химна, при што било нагласено дека бараните симболи треба да ги изразуваат државноста, независноста и суверенитетот на Републиката, историската традиција, културното наследство и природните карактеристики на земјата.

На конкурсот пристигнале вкупно 36 предлози за химна, од кои Комисијата издвојила три финалисти – „Химна“ од Таки Хрисик, „Денес над Македонија“ во музичката верзија на Тодор Скаловски и „Да ни бидеш вечна“ од Александар Џамбазов. Во понатамошниот процес, „Денес над Македонија“ останала единствениот предлог и на 11 август 1992 година официјално била изгласана.

Песна напишана 51 година претходно

Она што малкумина го знаат е дека самата песна воопшто не била нова во моментот на усвојувањето. Била напишана уште во 1941 година, во Струга, од писателот и подоцнежен револуционер Владо Малески, автор на текстот, во соработка со композиторот Тодор Скаловски, автор на музиката. Интересно е што, според сведоштвата, самиот Малески ја извел песната истата вечер на гитара, веднаш откако ја напишал.

По војната, песната прво станала химна на Социјалистичка Република Македонија во рамките на тогашна Југославија, за по осамостојувањето, во 1992 година, да добие целосно официјален, независен статус.

Стих што се изгуби со времето

Помалку познат детал е дека самиот текст на химната не останал целосно непроменет низ годините. Оригиналната верзија од 1941 година содржела различни имиња на македонски револуционери – „…Гоце Делчев, Питу Гули, Карев, Влахов, Сандански“, наспроти денешниот текст со „…Гоце Делчев, Питу Гули, Даме Груев, Сандански“. Слично, стихот „Од гроб станаа славните ѕидари…“ подоцна бил заменет со денешниот „Одново сега знаме се вее…“.

Промените се случиле до првото објавување на песната во збирката „Македонски народноослободителни песни“ во јуни 1943 година, без официјално образложение зошто токму тие делови биле изменети.

Знамето со шеснаесет зраци

Истиот ден, 11 август 1992 година, Собранието го усвоило и првото државно знаме на независна Македонија – симбол денес познат како „Ѕвезда од Кутлеш“ или „Сонце од Кутлеш“, инспириран од Аргеадската ѕвезда, антички симбол со шеснаесет зраци. Самиот археолошки артефакт, по кој е именуван симболот, бил ископан во 1977 година во Кутлеш, во Егејска Македонија, од страна на грчкиот археолог Манолис Андроникос.  Сонцето од Кутлеш беше откриен во 1977 година од професорот Манолис Андроникос, за време на ископувањата во селото Кутлеш, Егејска Македонија. Симболот беше врежан на златен ларнакс во гробниците на античките македонски владетели, за кој се верува дека припаѓал на кралот Филип II Македонски. Денес, оваа историска реликвија се чува во музејот во Кутлеш.

Ова знаме официјално било во употреба од јули 1992 до 1995 година.

Три години подоцна – ново знаме под сенката на атентат

Дипломатскиот спор со Грција, поврзан токму со употребата на овој антички симбол, довел до економска блокада против младата држава. Решението дошло по дипломатски пат. На 13 септември 1995 година, во Њујорк, тогашниот македонски министер за надворешни работи Стево Црвенковски и неговиот грчки колега Каролос Папуљас постигнале договор, познат како Времена спогодба.

Грција се обврзала да ја отстрани економската блокада, во замена за промена на официјалното знаме на Републиката. Процесот на дизајнирање на новиот симбол го водел графичкиот дизајнер Мирослав Грчев, кого тогашната Влада во летото 1995 година го задолжила да подготви идејни решенија за ново знаме и грб.

За само еден месец, Грчев изготвил по 12 различни дизајни за секој од двата симбола, поделени во неколку категории знамиња со златен диск на црвена основа, знамиња со диск што излегува од границите и знамиња со различни варијанти на триаголни или проширувачки зраци. Конечниот избор сонце со осум дивергентни зраци, кои директно излегуваат од дискот и се шират кон рабовите на знамето бил официјално усвоен на 5 октомври 1995 година.

Занимлив, ретко спомнуван детал е дека новото знаме било усвоено само два дена по обидот за атентат врз тогашниот претседател Киро Глигоров, извршен на 3 октомври 1995 година, настан кој дополнително ја засенил веќе комплицираната и политички чувствителна промена на националниот симбол.

Ист симбол, различна геометрија

Од чисто вексилолошка односно од науката за знамињата, гледна точка, промената во 1995 година, всушност, не ги сменила основните атрибути на знамето. И старото и новото знаме останале црвено поле со златно-жолто сонце. Разликата е во бројот и типот на зраците, од шеснаесет конвергентни, односно насочени кон центарот, зраци на старото знаме, кон осум дивергентни, односно насочени кон рабовите, зраци на денешното.

Пропорциите останале исти сооднос 1:2 меѓу широчината и должината, а дијаметарот на сончевиот диск изнесува една седмина од должината на знамето.

Симбол што денес „грее“ веќе 30 години

Гледано низ временска рамка, денешното знаме со осум дивергентни зраци веќе ја претставува Македонија во најголемиот дел од периодот на нејзината независност, многу подолго од краткиот тригодишен период на знамето со Кутлешкото сонце.

Приказната за 11 август 1992 година, конечно, покажува нешто ретко спомнувано е дека државните симболи усвоени истиот ден, на исто заседание на Собранието, поминале низ целосно различни историски патишта. Химната, напишана уште четириесетина години порано, останала константна и непроменета точка на идентитет низ сите политички превирања.

Знамето, спротивно, станало предмет на меѓународна дипломатија, економска блокада и, конечно, промена усвоена буквално во сенката на обидот за атентат врз државниот поглавар. Два симбола, усвоени во ист ден и со иста цел да ја претставуваат новата независна држава но со две сосема различни судбини.

е-Трн да боцка во твојот инбокс