Search

ЈП Стрежево-Битола ја изгради првата сопствена фотоволтаична централа

ЈП Хидросистем Стрежево е прво Јавно претпријатие во државата кое со сопствени средства, од околу 30 милиони денари, изгради своја  фотонапонска електроцентрала со моќност од 500 киловати.

Новата инвестиција е лоцирана на „Брана Стрежево“ каде се поставени 1248 монокристални фотонапонски панели од кои се очекува годишно производство околу 700 000 киловат часови електрична енергија, изјави генералниот директор на ЈП Стрежево, Методија Граматковски.

„Досега стопанисувавме со пет мали хидроцентрали и расположливите водни ресурси ги користиме рационално, ефикасно и повеќенаменски, за наводнување и производство на електрична енергија. Со оваа инвестиција започнуваме и процес на искористување на сончевата енергија како обновлив извор за добивање на електрична енергија. Ова е првата изградена фотоволтаична централа со можност на изградба и на втора централа од ваков тип бидејќи имаме дозвола за градба до еден мегават. За нас како претпријатие оваа инвестиција е од големо значење бидејќи ги зголемуваме приходите на претпријатието, а за државата е инвестиција во добивање на  „чиста” енергија“, истакна Граматковски.

ЈП Стрежево-Битола, произведената електрична енергија ќе ја продаваат на слободниот пазар преку јавна продажба.

„Очекуваме оваа инвестиција да биде краткорочно исплатлива инвестиција и средствата за краток период ќе бидат вратени во претпријатието. Во специфични времиња, кога речиси секоја година беше одбележана со кризен предзнак, во време на големи предизвици и неизвесности, Стрежево го издржа силниот финансиски удар, не потклекна на притисокот и благодарение на домаќинското работење успеа да го затвори наметнатиот проблем од 2015 година во врска со тужбата на ЗК Пелагонија. Денес не им должиме ниту денар на комбинатот, го исплативме по основ на судска пресуда главниот долг, трошоците на постапката и каматата во целост, исклучиво од сопствени извори на финансирање. Сега предметот е пред Врховен суд на конечно одлучување“, посочи Граматковски.

На прес конференцијата во Битола, генералниот директор на ЈП Стрежево, Методија Граматковски потсети дека претпријатието продолжува да ги подобрува условите за корисниците на вода, вложуваат во човечкиот и во инфраструктурниот потенцијал со кој располагаат.

„Оваа година веќе двапати се покачуваат платите на вработените во Стрежево, а исплатен е и регрес за годишен одмор. ЈП Стрежево е високо ликвидно претпријатие со стабилна финансиска состојба, редовно се исплаќа плата, придонеси од плата и обврските кон државата, вложува во тековни и капитални инвестиции, и во овој период претпријатието не користело кредити. ЈП Стрежево останува бренд и успешна приказна, а низ посветена  и напорна работа ќе се носиме со сите предизвици и специфики на современите текови“, истакна Граматковски.

Извор: agrotim.mk

Најново

Последни колумни