Јапонската вселенска компанија JAXA во соработка со повеќе истражувачки групи на Универзитетот Кјото планира во 2025 година да го направи првиот безжичен пренос на соларна енергија од вселената на Земјата со помош на микробранови.
Технологијата која треба да го овозможи тоа веќе е успешно тестирана во 2016 година на Земјата, кога научници успешно емитувале 1,8 киловати енергија на безжичен приемник на оддалеченост од 50 метри, што било доволно за напојување на електричен бокал за вода.
Јапонците сега таа технологија за безжичен пренос сакаат да ја тестираат од вселената на Земјата во рамките на проектот кој го води Наоки Шинохара од Лабораторијата Шинохара при Универзитетот Кјото. JAXA треба во орбитата на Земјата во 2025 година да постави повеќе мали соларни сателити кои ќе ја собираат сончевата енергија и потоа ќе се обидат да ја пренесат кон земните приемни станици, оддалечени стотици километри, со помош на радиобранови во микробрановиот појас.
Користењето орбитални соларни панели и микробранови за испраќање енергија на Земјата за прв пат е предложено во 1968 година. Оттогаш неколку земји, вклучувајќи ги Кина и САД, работат на реализација на таа технологија, која се базира на основната идеја за безжичен пренос на енергија која на крајот на 19 и почетокот на 20 век се обиде да ја реализира Никола Тесла.
Технологијата е интересна затоа што орбиталните соларни панели претставуваат потенцијално неограничено снабдување со обновлива енергија. Во вселената соларните панели можат да собираат енергија без оглед на периодот од денот.
Меѓутоа, научниците предупредуваат дека дури и ако Јапонија успешно ги постави орбиталните соларни колектори, технологијата и понатаму ќе биде далеку вон досегот на практичната примена затоа што производството на системи кои можат да генерираат 1 гигават енергија, што е во рангот на еден нуклеарен реактор, би чинело околу 7 милијарди долари со моментално достапните технологии.
Но, ако тој пренос проработи и даде позитивни резултати, веруваме дека во развојот на технологијата ќе се вклучи глобалната научна заедница, па идејата на Тесла за бесконечна бесплатна енергија може да заживее еден ден.
Извор: seebiz.eu