Ново истражување покажува дека одложувањето на обврските е еден од најголемите проблеми со кои се соочуваат студентите, а причината не е секогаш мрзеливоста.
Прокрастинацијата, односно постојаното одложување на задачите, е позната појава речиси за секој студент и млад човек.
Иако често изгледа како едноставен недостиг на дисциплина, психолозите предупредуваат дека зад ваквото однесување можат да стојат стрес, страв од неуспех, перфекционизам и тешкотии со регулирањето на емоциите.
Ново големо истражување, опфатило повеќе од 65.000 универзитетски студенти.
Резултатите покажале дека одложувањето на обврските било најчесто пријавуваната пречка за академскиот успех, пред други фактори како анксиозност, депресија, финансиски притисоци и ADHD.
Речиси половина од испитаниците навеле дека прокрастинацијата значително негативно влијае врз нивните академски резултати.
Зошто одложувањето ни носи моментално олеснување?
Замислете дека треба да подготвите важна презентација. Самата помисла на обемот на работата создава непријатност, па наместо да почнете, одлучувате прво да погледнете едно видео.
Во тој момент чувствувате олеснување затоа што привремено сте ја избегнале задачата што предизвикува стрес.
Но, проблемот не исчезнува.
Како што се приближува рокот, притисокот се зголемува, а задачата станува уште понепријатна. Така се создава круг на одложување, вина и дополнителен стрес.
Професорката по психологија Фуша Сироис од Универзитетот Дурам објаснува дека прокрастинацијата често претставува начин на избегнување непријатни емоции, а не едноставно одбивање да се работи.
Одложувањето влијае и врз здравјето
Последиците не се ограничени само на послаби оценки.
Студентите кои често ги одложуваат обврските можат да се соочат со поголем стрес, нарушен сон, замор и чувство на постојан притисок.
Работењето во последен момент често значи непроспиени ноќи, прекумерно користење кофеин и помалку време за одмор.
Истражувачите посочуваат дека ваквото однесување може да влијае и врз личните односи и општата психолошка благосостојба.
Пет начини да престанете со одложување
Првиот чекор е големите задачи да ги поделите на помали. Наместо „морам да научам цел предмет“, поставете си цел да прочитате пет страници или да подготвите една кратка белешка.
Второ, започнете со само пет минути работа. Често најтешкиот дел е почетокот, а откако ќе започнете, продолжувањето станува полесно.
Трето, отстранете ги одвлекувачите на вниманието. Оставете го телефонот во друга просторија, исклучете ги известувањата и затворете ги непотребните интернет-страници.
Четврто, поставете реални рокови. Наместо да очекувате дека ќе завршите сè во еден ден, распределете ја работата на неколку кратки периоди.
Петто, престанете да чекате совршен момент или совршен резултат. Понекогаш просечно завршена прва верзија е подобра од идеален проект што никогаш не сте го започнале.
Овие пристапи можат да помогнат, но не се универзално решение. Кога одложувањето е долготрајно и сериозно го нарушува секојдневното функционирање, корисна може да биде и стручна психолошка поддршка.
Прокрастинацијата не е само лоша навика
Авторот на истражувањето, Итамар Шац од Универзитетот во Кембриџ, нагласува дека универзитетите треба посериозно да го третираат проблемот.
Наместо студентите едноставно да бидат обвинувани за недостиг на дисциплина, потребни се програми што ќе им помогнат подобро да ги разберат своите навики и да развијат стратегии за справување со нив.
Резултатите се објавени во научното списание PLOS One.
Пораката од истражувањето е дека за да престанеме да ги одложуваме обврските, не е доволно само да си кажеме дека од утре ќе бидеме повредни. Потребно е да разбереме што нè спречува да започнеме денес.
