Не се сите „бели“ ѕвезди бели

Ѕвездите познати како „бели џуџиња“ очигледно не мора секогаш да изгледаат бело.

Ново астрономско истражување покажува дека некои од овие необични небесни тела можат да имаат зелени, розови, виолетови и други неочекувани нијанси.

Белите џуџиња се густи остатоци од ѕвезди што го завршиле главниот дел од својот животен циклус, откако ги потрошиле резервите на гориво за нуклеарна фузија.

Тие се познати по својата исклучително голема густина и претежно белата или синкавата светлина. Но новата анализа покажува дека нивната боја може да биде многу поразновидна.

Научниците го анализирале светлинскиот спектар на 151 бело џуџе во радиус од 65 светлосни години. Резултатите покажале дека приближно едно од триесет анализирани бели џуџиња има боја што се разликува од вообичаената бела нијанса.

Меѓу најнеобичните примери е ѕвездата WD J1330+6435, која се издвојува со зеленикава боја.

Истражувачите објаснуваат дека присуството на натриум и начинот на кој тој апсорбира одредени делови од светлината создава необичен визуелен ефект. Друг впечатлив пример е WD J1011+2845, бело џуџе оддалечено околу 48 светлосни години, кое има розова нијанса поради присуството на јаглерод во неговата атмосфера.


Откритието покажува дека хемискиот состав и физичките услови во овие ѕвездени остатоци можат значително да влијаат врз нивниот изглед. Истражувањето отвора нови можности за изучување на еволуцијата на ѕвездите и процесите што се одвиваат во нивните атмосфери.

е-Трн да боцка во твојот инбокс