Додека некои луѓе летото го поминуваат речиси без ниту еден убод, други стануваат вистинска „магнетна точка“ за комарците. Причината не е случајност, туку комбинација од биолошки сигнали кои човечкото тело ги испраќа.
Научните истражувања покажуваат дека комарците уште пред да слетаат на кожата препознаваат различни сигнали – мирис, топлина, влажност и јаглерод диоксид од дишењето – со кои избираат кого ќе нападнат.
Мирисот е главниот „повик“ за комарците
Комарците можат да ја откријат својата цел и од далечина од околу 10 метри. Во потрагата користат комбинација од вид и мирис, но клучна улога имаат хемиските сигнали што ги испушта човечкото тело.
Посебно ги привлекуваат: јаглерод диоксидот (CO₂) кој го издишуваме, топлината на телото , влагата и мирисите создадени од кожата и бактериите на неа. Женките комарци се тие што касаат, бидејќи крвта им е потребна за развој на јајцата.
Зошто некои луѓе се „повкусни“ за комарците?
Истражувањата покажуваат дека телата на луѓето не испраќаат исти сигнали. Некои лица создаваат комбинација на мириси кои се особено привлечни за комарците. На кожата се создаваат материи како млечна киселина, амонијак и карбоксилни киселини кои можат да ја зголемат привлечноста за овие инсекти.
Големо влијание има и микробиомот на кожата, односно заедницата на бактерии што живеат на нашето тело. Токму тие бактерии учествуваат во создавањето на индивидуалниот мирис. Истражувачи од Универзитетот Вагенинген во Холандија откриле дека луѓето кои биле почесто мета на маларијски комарци имале различен состав на бактерии на кожата во споредба со оние кои биле помалку привлечни за инсектите.
Зошто возрасните и бремените жени почесто ги касаат комарци?
Комарците почесто ги забележуваат возрасните отколку децата бидејќи возрасните произведуваат повеќе јаглерод диоксид. Посебно изложени се и бремените жени. Според истражувањата, тие можат да бидат двојно попривлечни за комарците бидејќи бременоста предизвикува: поголеми метаболички потреби, поголемо производство на топлина и поголема количина издишан јаглерод диоксид.
Комарците „живеат во хемиски свет“
Научниците објаснуваат дека комарците не избираат жртви само според изгледот, туку според сложен систем на хемиски сигнали.
„Мирисот е тој што одредува кого ќе касне комарецот. Мали, многу испарливи хемиски молекули ја прават разликата. Комарците живеат во хемиски свет“, велат истражувачите.
Иако не постои едноставен начин целосно да се избегнат убодите, разбирањето на механизмот по кој комарците нè избираат може да помогне во развој на поефикасни средства за заштита и замки против овие инсекти.