Златната плочка што царинските службеници ја пронајдоа во чевел на македонски државјанин на граничниот премин Богородица е проценета на околу 73.000 евра, односно 4,5 милиони денари, соопшти Царинската управа.
Станува збор за случајот за кој Трн пишуваше вчера, кога беше објавено дека патник се обидел да пренесе непријавено злато преку границата кон Грција, криејќи го во обувката. Царинската контрола го открила обидот за шверц при излез од Северна Македонија на граничниот премин Богородица.
Според новите информации, златната плочка тежи 848 грама и била завиткана во бела хартија. Случајот бил откриен кога автобус на релација Гостивар-Истанбул бил издвоен за царинска контрола, по што поради сомневање бил извршен детален преглед на патникот.
Од Царинската управа наведуваат дека сторителот првично ја држел плочката во јакната, но непосредно пред контролата ја сокрил во една од чевлите, со намера да ја прошверцува. Златото е запленето, а против македонскиот државјанин е поднесена кривична пријава до Основното јавно обвинителство во Гевгелија за кривично дело шверц.
Царинските служби уште еднаш потсетуваат дека скапоцености, инвестициско злато и благородни метали мора да се пријават при премин на граница, а непријавеното пренесување може да заврши со заплена и кривична постапка.