Зад секое дете кое поминало низ вратите на СОС Детско село стои приказна: понекогаш тешка, понекогаш болна, но секогаш со можност за нов почеток. Денес во Македонија постојат стотици такви приказни. СОС Детско село има помогнато на повеќе од 1,390 семејства во ризик и има спречено повеќе од 3,970 деца да бидат разделени од биолошките семејства.
Тоа се приказни на деца кои пораснале во топол дом, со грижа на посветени едукатори, со браќа и сестри до нив, со соништа кои стануваат реалност. Една од тие приказни е и приказната на Марија Самарџиска, млада девојка која денес зборува јавно, охрабрува и инспирира, за да им покаже на другите дека иднината не е предодредена од минатото.
“Главната цел ми беше децата и младите кои поминуваат низ иста или слична ситуација како мене – да ги охрабрам да знаат дека ако нешто навистина го сакаат и се трудат за него, утре или еден ден ќе најдат начин и ќе успеат” вели Марија Самарџиска за Трн.
Приказна која охрабрува

Марија Самарџиска сега е млада правничка, израсната во СОС Детско село, која денес зборува јавно за своето искуство. Нејзиниот глас е глас на многу деца кои минале низ слично патување. Таа зборува за предрасудите со кои се соочила, за луѓето кои мислеле дека “ѝ е лесно “, и за тоа зошто одлучила да ги разбие тие стереотипи.
“Храброста ми дојде од внатрешниот порив уште од мала да биде слушнат мојот глас, мојата страна на приказната. Главната цел ми беше да покажам дека, без разлика кој како изгледа од страна, некаде длабоко како општество сме ја изгубиле емпатијата еден спрема друг.”
Покрај сопственото искуство, Марија раскажува и за поголемата слика, за разликата меѓу оние кои ги прифаќаат можностите и оние кои ги испуштаат. Нејзината порака е едноставна, но моќна: можностите доаѓаат само еднаш, и клучно е да бидеш спремен да ги искористиш.
“За жал некои можности доаѓаат само еднаш во животот. Доколку не сме спремни да ги искористиме, потоа е предоцна и немаме време за каење.” вели таа.
Грижата што значи повеќе од дом
Она што го разликува СОС Детско село од класичните установи за сместување е самиот концепт на грижа. Наместо институционален пристап, СОС гради мали семејни единици, куќи во кои децата живеат заедно со посветен едукатор, кој за нив претставува постојана и стабилна фигура. Децата растат со нивните браќа и сестри, го посетуваат истото училиште, учествуваат во хоби активности, одат на излети и кампови – накратко, живеат живот каков што заслужува секое дете.
“Додека бев во СОС Детско село, дефинитивно тоа беа прошетките секој викенд со мама Нате на различни места, одењето по гости… Се сеќавам дека едвај чекав да дојде викенд за да одиме кај баба Мира и дедо Зоки, да пешачиме.”, вeли Марија.
Покрај секојдневната грижа во домот, СОС нуди и широка мрежа на поддршка: посети на кампови во Македонија и странство, учество на меѓународни обуки и работилници, можности за вмрежување со врсници од целиот свет. Сè тоа создава личности – самодоверливи, отворени, способни да се справат со предизвиците на животот.
Марија раскажува дека посебно место за неа имаат посетите на различните кампови преку лето, обуки и работилници во Македонија и во странство. “Овие обуки ни помагаа да се вмрежиме со наши врсници, деца од целиот свет и да научиме нешто ново. Навидум изгледаат како мали моменти, кои за мене во тој период многу значеа, а и сега кога ќе се навратам наназад дефинитивно ми се едни од најубавите сеќавања од детството.”
Можности, образование и иднина
Едно од клучните прашања кои се поставуваат е: колку децата од СОС Детско село успеваат да изградат стабилна иднина? Одговорот е охрабрувачки. Голем број млади кои поминале низ организацијата денес се успешни студенти и дипломирани лица. Постојат и примери на поединци кои се на докторски студии, на мастер студии во странство, а дури и на позициja како претставник на Македонија во Европскиот парламент.
“Познавам доста голем број млади кои завршиле факултет, не само од СОС, туку и од другите домови во Македонија. Баш скоро имаше девојка која по вторпат магистрираше. Познавам и дете кое во моментов е на докторски студии во Костерика…”, раскажува Марија.
Државата обезбедува студентски додаток за социјално ранливи категории, кој е применлив и за додипломски и за мастер студии. Во последните две години, овој надоместок е зголемен. СОС пак, преку меѓународни проекти за вработливост, им овозможува на младите обуки, средби со работодавачи и грантови за самовработување. Преку проектот YEEP, повеќе млади успеале да отворат сопствен бизнис.
Грижата не запира на 18 години. Откако младите ги напуштаат домовите, СОС изработува индивидуален план за нивна подготовка за самостоен живот како што е помош при барање стан, преселување и осамостојување. Понатаму, преку програмата ППНЖ (Подготовка за Независен Живот), млади луѓе по осамостојувањето имаат пристап до обуки, семинари и развивање на вештини.
Центарот за поддршка на згрижувачки семејства
Во последните години, СОС Детско село во Македонија ја прошири својата мисија. Официјално е отворен и лиценциран Центар за поддршка на згрижувачки семејства, со кој поддршката се прошири на 74 семејства во различни општини: Скопје, Велес, Свети Николе, Кавадарци, Неготино, Струмица, Валандово, Гевгелија и Радовиш. Во тие семејства се згрижени вкупно 143 корисници, од кои 138 деца.
На ниво на цела земја, постојат 327 згрижувачки семејства во кои се згрижени 559 деца без родители и родителска грижа. СОС Детско село активно работи и на промоција на згрижувањето – обуки и регрутација на нови згрижувачки семејства, со цел секое дете да добие шанса за семеен живот.
Она што сè уште недостасува
Марија не крие дека, и покрај постоечката поддршка, системот има простор за подобрување. Државата обезбедува студентски додаток за социјално ранливи категории на месечно ниво (и за додипломски и за мастер студии) а во последните две години тој надоместок е зголемен. Но, вели таа, тоа не е доволно.
„Кога ќе се соберат трошоците за кирија, сметки, а имајќи ја предвид и моменталната инфлација – не се доволни”, вели Марија, додавајќи дека дополнителен проблем претставувал и условот кој претходно постоел, односно забраната паралелно да работиш за да го користиш додатокот.
Нејзиниот повик кон државата е јасен: во момент кога реформите во високото образование се актуелна тема, треба да се стави акцент и на условите за оваа група млади. Конкретно, да се разгледа можноста за бесплатни мастер студии барем во областите каде специјализацијата е неопходна, како правото или медицината. „Можеби некој ќе каже дека секој сам избира дали ќе продолжи на мастер – но добро знаеме дека во одредени области без тоа, додипломските студии немаат толкаво значење, барем на почетокот”, објаснува таа.
Кога станува збор за вработување, директна државна поддршка практично нема. Освен грантови за самовработување, достапни за сите млади, постоела програма која им овозможувала на деца од ранливи категории вработување во државни институции по завршување на факултет, но според Марија, таа мерка денес не е толку активна колку порано.
“Ниту едно дете да не расте само”
ОС Детско село е независна, невладина, непрофитна меѓународна хуманитарна организација со седиште во Инсбрук, Австрија. Основана е во 1949 година од австрискиот филантроп Херман Гмајнер, кој по завршувањето на Втората светска војна ја видел тешката положба на децата сирачиња и решил да дејствува. Неговата визија била да им овозможи на децата да пораснат во семејна средина, со грижа на посветен возрасен, заедно со нивните браќа и сестри – денес е реалност во повеќе од 135 земји во светот.
Во Македонија, СОС Детско село ја започнало својата работа во 2001 година, а првото дете е згрижено во 2002 година. Денес, организацијата преку своите програми директно и индиректно помага на 460 деца и млади без родители или во социјален ризик. Организацијата функционира во неколку општини во Скопје меѓу кои се Гази Баба, Карпош и Бутел и располага со советодавни центри во Шуто Оризари и Гази Баба.
На глобално ниво, повеќе од 4 милиони деца се згрижени или нивното семејство е зајакнато благодарение на СОС Детските села во 136 земји. Со згрижувачките семејства и другите видови алтернативно згрижување, се опфатени над 255 илјади деца.
Мотото на СОС Детско село, “Ниту едно дете да не расте само”, не е само слоган. Тоа е ветување кое оваа организација го исполнува веќе 25 години во Македонија. Преку грижа, образование, поддршка и верба во секое дете, СОС гради не само домови, туку и иднини.
Приказните на децата кои поминале низ СОС Детско село се доказ дека системот може да функционира, дека грижата може да промени живот и дека со вистинска поддршка, секое дете, без оглед на своето потеклп, може да изгради достоинствена и успешна иднина.