25-годишник осомничен за обид за убиство по напад со нож во Скопје

Обвинителството отвори истрага против 25-годишник од Скопје, осомничен дека по расправија пред угостителски објект на улицата „50 Дивизија“ нападнал лице со нож.

По кратка расправија пред угостителски објект на улицата „50 Дивизија“, едно лице било повредено со нож, а осомничениот доби 30 дена куќен притвор.

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против 25-годишник од Скопје, осомничен за кривично дело обид за убиство.

Според Обвинителството, настанот се случил на 23 април по полноќ, пред угостителски објект на улицата „50 Дивизија“ во Скопје. Кратка вербална расправија во објектот прераснала во физичка пресметка меѓу осомничениот и оштетениот.

Во еден момент, осомничениот извадил нож и му нанел неколку повреди на оштетениот. По укажаната лекарска помош, повреденото лице било пуштено на домашно лекување.

Од МВР информираат дека А.Ч. од Скопје бил уапсен затоа што на 23 април 2026 година пред угостителски објект на улицата „50 Дивизија“ со нож му нанел повреди на А.Ѓ.

„Веднаш по добиената пријава за настанот, полициски службеници презедоа соодветни мерки и активности и случајот е во целост расчистен. Напаѓачот е лишен од слобода, а од страна на Единицата за насилен криминал при СВР Скопје, во координација со ОЈО Скопје, е поднесена кривична пријава по итна постапка против А.Ч. за кривично дело обид за убиство“, информира МВР.

Судија на претходна постапка му определил на осомничениот мерка куќен притвор во траење од 30 дена.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни