НУ Народен театар Битола подготвен за најновата премиера „Татко“, 12.Битола Шекспир фестивал и роденденот на театарот

Веднаш после премиерата која е на 10-ти и 11-ти ноември, на 14-ти започнува 12-тото издание на Битола Шекспир Фестивалот.

Во пресрет на првата премиера во сезоната 2026/2027 на Народниот театар од Битола, претставата „Татко“, но и 82 роденден на театарот, како и 12.издание на Битола Шекспир фестивалот, беше одржана прес конференција. „Татко“ е по текст на Август Стриндберг, во режија, сценографија и костимографија на Благој Мицевски.

Главната улога во претставата ја игра Петар Горко, а покрај него настапуваат и Катерина Аневска-Дранговска, Сандра Грибовска Илиевска, Никола Пројчевски, Живко Борисовски и добитничката на наградата за животно дело „4ти ноември“, Соња Михајлова. Асистент на режија е Дамјан Димовски, композитор Марјан Нечак, тон Александар Димовски, светло Горан Петровски, суфлер Гордана Михајловска, реквизит Цветан Јовановски, испициент Оливер Петровски. Ова е еден од најзначајните текстови на Стриндберг во кој за првпат се прикажува распаѓањето на едно семејство одвнатре. 

„Многу ми е драго што во овој славенички месец за нашиот театар, кој слави 82 години од своето постоење, после војната до денес без прекин, на 14-ти ноември сме дел од програмата за прослава на „4-ти ноември“ на градот Битола, која официјално се затвора утревечер со нашата премиера.
Работиме на овој текст и на оваа претстава речиси три месеци, со мали паузи поради обврските на театарот и главно поради гостувањата на фестивалите. Тоа е прилично долг и комфорен период за работа на ваков текст, а темите што ги обработува ме засегнаа лично од повеќе аспекти.
Прво, конечно со Петар Горко имаме можност да работиме заедно на претстава, иако сме генерациски пријатели и заедно дојдовме во овој театар, фативме различни периоди и сме долго тука, сега имаме можност, каде што тој има главна улога, да ја реализираме таа соработка. Дел од нашата екипа е и нашата доајенка и лауреатка на годинашното 4 ноември, Соња Михајлова и уште Катерина, Живко, Николче и Сандра. Една екипа која работеше многу сплотено со цел да добиеме претстава каква што посакувавме кога почнавме“, истакна режисерот и костимографот Благој Мицевски.

Додаде дека е среќен што направија една нормална претстава која ја нарекоа психолошка драма со елементи на трилер.

„Јас лично сум веќе во генерацијата на највозрасните во театарот. Веројатно има потреба да се занимавам повеќе со класиката и повторно да ја препрочитам на класичен начин за да откријам зошто тие дела се класика и зошто траат до денес. Процесот беше исклучителен, се обидувавме да ги откриеме сите слоеви на ова многу комплексно дело и не знам дали успеавме во сè, затоа што има многу. Не е само едно семејство, туку и односите во семејството, бракот како институција, односите маж-жена, наука, религија, мајчинска љубов, детето како жртва на нефункционално семејство каде што постојано има борба за моќ, превласт и можеби најголемиот проблем кој до денес постои и не измачува – постоењето на огромна суета, што доведува детето да биде колатерална штета. Мислам дека токму тоа е она што најмногу го поврзува овој текст со денес. Сакам уште нешто да кажам – сега на улиците, во соседството и низ Европа гледаме генерации млади луѓе за кои е докажано и научно и теоретски дека нема да можат да го достигнат статусот и начинот на живот на своите родители, а не пак да го надминат, што би требало да е логично. Тоа кај нив создава фрустрација, бидејќи повеќето од нив го посветиле животот на наука, образование, вложиле време, пари и средства, а се без работа или имаат работа со која едвај ја плаќаат киријата тука и низ европските метрополи. Овој текст има длабоки корени во многу нешта кои мислам дека ќе нè испровоцираат и нас како уметници – со што се занимаваме, како и зошто правиме театар – и публиката, која мислам дека ќе се препознае во многу ситуации. Мислам дека претставата ќе има долг живот и ќе трае долго на нашата сцена, и дека е полн погодок во програмскиот дел, токму каква претстава недостасуваше во нашиот репертоар“.

Главната улога ја игра Петар Горко.

„Особено ми е драго што после последната „Вујко Вања“ повторно имам можност да одиграм една голема улога. Знаете, уште од младоста кога ги читавме класиците, никогаш не обрнувавме внимание, веројатно затоа што бевме премногу млади, на тоа какви се тие ликови. Но, еве стигнавме до таа возраст кога можеме да ги играме ваквите ликови. И да, за сите генерации секогаш има улоги. Ова го кажувам за младите колеги, да не се плашат дека нема да има улоги за нив во животот. Особено ми е драго за соработката со Благој, Соња, Жиката, Николче, Сандра, а најмногу со Кате, со која имавме брилијантно искуство во „Кралски игри“ како партнери и таму се пронајдовме. На сцена има хемија меѓу нас што функционира и брзо ги решава работите, брзо доаѓа до резултати, и тоа е она што мене лично ме исполнува како актер, затоа што можеме едноставно да ги извадиме нештата од нас, однатре да ги пренесеме преку тој четврт ѕид до вас, до публиката“.


„За мене беше огромен предизвик да работам на ликот на Лаура. Таа не е класичен негативец, не е класична манипулаторка. Таа е жена која се бори за својата егзистенција со сите средства што ѝ стојат на располагање во еден таков патријархален свет. Многу остроумно, тивко и стратешки. Целата претстава, како што кажа Благој, личи на еден психолошки трилер во живо. Мислам дека со колегите, со режисерот, со Пеце успеавме да изградиме еден свет. Повеќе би рекла дека тензијата се чувствува во паузите, а не само во репликите. Се надевам дека претставата ќе допре до секој што ќе ја гледа и дека сите од публиката ќе ја почувствуваат таа искрена, сурова реалност“, додаде актерката Катерина Аневска Дранговска.

„Ќе почнам со тоа дека ми е искрено задоволство што сум дел од оваа екипа, претставата „Татко“. Прво, голема благодарност до режисерот Благој Мицевски што сум дел од екипата, на моите колеги за соработката и процесот до овој ден пред премиера. Многу настани се случија едно по друго во изминатиот период. Сакам посебно да се заблагодарам на Народен театар Битола и на директорот Васко Мавровски што и по пензионирањето сум третирана како член на големата театарска фамилија на Народен театар Битола, за што искрено благодарам. Претставата е многу необична и интересна. Ликот на Маргарет е жена и мајка која искусила многу во животот, а во сложените семејни односи мајка-татко-дете, таа е на страната на зачувување на семејството, иако констатира дека најмногу во тие семејни конфликти доминираат суетата и егото. Најчесто во тие контексти, не сме свесни дека секој е во потрага по својата доминација. Многу ми е драго за соработката и за оваа претстава и верувам дека една таква вечна тема како семејство, татко, мајка, дете, ќе предизвика кај публиката момент на самопреслушување, токму во однос на суетата, егото и разбирањето“, рече актерката Соња Михајлова.

На сето ова актерот Никола Пројчевски додава:

„Фасцинантно ми беше во текстот што овој човек, кога живеел, се занимавал со таткото, а не со мајката. Ние живееме во време кога сите филмски платформи сега се занимаваат со жената, затоа што живееме во време, можеби е потребно да живееме во време на ултра феминизам. Дури и еден филм „Источно од рајот“, сега серијал на Netflix, една жена која е олицетворение на злото, на крајот се обидуваа да ја прикажат дека е таква поради мажите во нејзиниот живот. Еве, во оваа претстава не е така. Многу ми е драго што во претставата се отвораат проблемите на еден татко, а не проблеми кои доаѓаат од некоја жена. Јас, на пример, сега се прашувам дали едно дете, затоа што и јас сум имал такво чувство, ја сака повеќе мајката. На пример, ако го прашаат моето дете дали би ја избрало мајка му или мене, ако некогаш треба, и проклетството зошто треба со мајка му да избере. Кога јас правам сè. Ликот на Петар Горко, на таткото, во еден момент вели: „Зошто да заминат? Зошто ние да немаме право да одлучиме? Ние кои толку многу ги сакаме.“ Сака да каже дека ги сакаме еднакво како и мајката, ама на Netflix ќе биде прикажано дека таа го родила, го носела девет месеци во утробата, го чувствувала, срцето ѝ чукало со него.
Многу ми е фасцинантна темата затоа што откривам многу работи. Пеце го игра брилијантно, морам да признаам“.

Веднаш после премиерата која е на 10-ти и 11-ти ноември, на 14-ти започнува 12-тото издание на Битола Шекспир Фестивалот. Свеченото отворање на фестивалот кое воедно ќе биде и одбележување на 82. роденден на НТБ ќе биде со битолската премиера на „Кориолан“ од Вилијам Шекспир, во режија на Џон Блондел.

„Претставата веќе имаше свој европски живот. Ја имавме македонската премиера на Охридско лето, светската премиера на Верона Фринџ Шекспир Фестивалот во Италија, настапивме во прекрасниот антички амфитеатар во Бутринт, Саранда, на јубилејното, 10-то издание на фестивалот „Магични ноќи во Бутринт“, и последно пред еден месец настапивме на East Direction фестивалот во Бјалисток, Полска. Претставата насекаде беше одлично прифатена и се надевам дека по долг период, бидејќи премиерата беше во јули, ова е шанса и за битолска премиера, па Битолчани конечно да го видат ова дело на Шекспир, кое за првпат се поставува во Македонија и за првпат дел од нашите колеги и остатокот од екипата ќе го изведеме „Кориолан“ на македонски јазик“, изјави директорот на Народниот театар Битола, Васко Мавровски.


Покрај „Кориолан“ и свеченото отворање на Шекспир фестивалот, има уште пет претстави кои доаѓаат од Италија, Грузија, Ерменија, Романија и Малта и ќе бидат прикажани во периодот од 14 до 22 ноември. Во програмата е и видео проекција на филм на Џон Блондел кој е направен за тогашните откажувања на Шекспир фестивалите низ светот за време на короната, театарска работилница за деца, која ќе ја води Билјана Крајчевска, која е посветена на Шекспир. Цела програма е фокусирана на едно дружење со Шекспир, промоција на македонската култура, македонскиот театар и истовремено презентација на тоа што се случува надвор од Македонија, а е поврзано со Шекспир.

Претставата која е во подготовки и ќе биде последната премиера за оваа сезона е „Ни треба пејачка“, во режија на Ненад Витанов. Урнебесна комедија за која премиерата се очекува на 12 декември.


На прес конференцијата Мавровски се осврна и на ситуацијата со греењето во театарот.
„Факт е дека средства за греење Народен театар Битола и останатите театри во државата немаат. Нема да навлегувам во причините зошто, бидејќи тоа е работа на Министерството за култура. Ние се обидуваме, кога велам ние, мислам на директорот на Центарот за култура, Камерниот оркестар и Народниот театар Битола, бидејќи во овој објект сме три национални установи.
Правиме сè што е можно театарот, Центарот за култура и установите да не претрпат штети. Јас така ја разбирам целата моја работа како менаџер – да ги менаџирам проблемите. Ќе повторам, факт е дека немаме средства за греење, но факт е и дека успеавме да обезбедиме поголема количина на нафта и дека Шекспир фестивалот ќе се одржи. Некои од претставите намерно ги преместивме на нова сцена, бидејќи таму грееме на струја и се надевам, и најавена е разрешница, дека во декември ќе добиеме средства и дека сè ќе продолжи со нормален тек.
Министерството за култура и туризам е сопственик на сите објекти што се национални установи. Ние сме назначени функционери кои треба да раководат со објектите во сопственост на Министерството за култура. Последните, колку што се сеќавам, повеќе од 30 години откако станавме независна држава, тие средства се добиваат на посебна сметка и се исклучиво наменети за греење. Не е таков примерот со скопските театри, бидејќи тие се поврзани на топлификација. Не можеме да набавиме од сопствени средства, бидејќи имаме лимитирана набавка до 60.000. Законот вели дека можеме без тендер, а за да распишеме тендер мора да ги имаме средствата на сметка за законски да го распишеме тендерот. А ние сума од два милиона на сметка, за жал, немаме“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс