На вчерашното заседание на косовскиот парламент не беше избрана ниту една од двете кандидатки на Движењето Самоопределување за претседателка на државата, бидејќи не беше исполнет потребниот кворум.
На седницата се пojавија само пратениците на Самоопределување заедно со нивните коалициски партнери, вкупно 64 пратеници, иако за да биде полноважно гласањето во првиот круг, потребно е присуство на најмалку 80 пратеници. Поради тоа, седницата беше прекината и се очекува да продолжи денеска.
Опозицијата, која го бојкотираше гласањето, обвини дека власта со ваквото постапување го нарушила уставниот поредок. Ехат Мифтарај, извршен директор на Косовскиот институт за правосудство, оцени дека претседателката на Собранието Албулена Хаџиу и пратениците на Самоопределување директно го прекршиле Уставот, кој јасно пропишува колку пратеници мора да бидат присутни при изборот на шеф на државата. Тој истакна дека избегнувањето на минималниот консензус и примената на постапки спротивни на Уставот и одлуките на Уставниот суд претставуваат закана за темелите на уставниот поредок.
Доколку претседателот не биде избран до 28 април, согласно одлуката на Уставниот суд, парламентот автоматски се распушта, а предвремените парламентарни избори мора да се одржат во наредните 45 дена. За избор на претседател во првите два круга потребни се гласовите на две третини од вкупно 120 пратеници, додека во третиот круг доволно е мнозинство од 61 глас.