Брутално врсничко насилство го потресе Скопје: Девојче тепано и горено со цигара

Девојчето било нападнато од три постари девојчиња, а дел од насилството било снимено и споделувано, што дополнително ја отвора темата за врсничкото и дигиталното насилство.

Вознемирувачки случај на врсничко насилство го разбранува родителскиот свет во Скопје. Шестоодделенка од општина Ѓорче Петров двапати била жртва на брутален напад од три постари девојчиња. Девојчето било тепано, горено со цигари, понижувано и принудувана да јаде кучешки измет. Дел од злосторството било снимено со мобилен телефон.

Нападот се случил среде бел ден, во паркот во близина на старото вовче – симбол на општината – на само неколку метри од полициската станица. Поводот, според првичните информации, бил конфликт на социјалната мрежа Инстаграм.

По преживеаната тортура, девојчето завршило на лекарска и психијатриска помош.

МВР потврди дека случајот е пријавен и дека активно се постапува по него. Извршени се службени разговори во присуство на родителите, прибрани се материјални докази вклучувајќи ги и видеозаписите, а во координација со Основното јавно обвинителство се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Насилството продолжува и на социјалните мрежи

Снимањето на нападот го отвора еден од најголемите проблеми на денешното врсничко насилство – жртвата не ја преживува тортурата само еднаш, туку одново секој пат кога снимката се гледа или споделува.

Ова не е изолиран случај. Во изминатиот период јавноста беше сведок на повеќе слични инциденти – групна тепачка снимена во дворот на скопското „Дитурија” во Сарај, како и напад на 11-годишно девојче во Чаир, чие видео родителот го открил дури откако се ширело по социјалните мрежи.

Според меѓународни анализи, околу десет отсто од децата на возраст меѓу 11 и 15 години трпат врсничко насилство повеќе пати месечно.

Превенција наместо забрани – дали е доволно?

Министерството за дигитална трансформација засега не разгледува забрана на социјалните мрежи за деца под 15 години, оценувајќи ја таквата мерка за радикална. Приоритет, велат, е превенцијата преку едукација, родителска контрола и дигитална писменост, во рамки на проектот „MKSafeNet – Центар за побезбеден интернет”.

Дел од експертите, сепак, предупредуваат дека постојните воспитни мерки предвидени со Законот за правда за децата како опомени, засилен надзор, работа со стручни лица – не секогаш одговараат на тежината на ваквите случаи.

Канцеларијата на народниот правобранител предупредува дека врсничкото насилство е најзастапено токму во основните училишта, бројот на пријави расте, а реалната состојба е уште посериозна ако се земе предвид дека дигиталното насилство ретко се пријавува.

Извор: Vecer.press

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни