Животот поскапува: за храна 26.000 денари месечно, синдикалната кошница над 68.000

Синдикалната кошница во април достигна 68.797 денари, а со кирија над 84.000. Најмногу се троши за храна – повеќе од 26.000 денари месечно.


Трошоците за живот во Македонија продолжуваат да растат, додека платите остануваат речиси непроменети, реалност што сè повеќе се чувствува во секојдневието на граѓаните. Според најновите податоци, вредноста на синдикалната минимална кошница во април 2026 година изнесува 68.797 денари, што е зголемување од 979 денари во однос на март. Од почетокот на годината, трошоците за живот пораснале за вкупно 3.305 денари.

Доколку во пресметката се вклучи и кирија за стан од 60 квадратни метри, потребниот месечен буџет достигнува 84.172 денари сума која за многу семејства е далеку од достижна.

Најголем дел од буџетот оди за храна и пијалаци 26.085 денари или речиси 38 проценти од вкупните трошоци. Следуваат образованието со 7.192 денари и трошоците за домување (струја, вода, греење) со 6.338 денари. За облека и обувки се издвојуваат 6.129 денари, за рекреација и култура 5.592 денари, а за транспорт 4.961 денар месечно.

Значителни се и трошоците за ресторани и хотели (4.131 денар), комуникации (3.417 денари), како и за лична и домашна хигиена (2.667 денари). За здравје се издвојуваат 1.185 денари, додека најмал дел од буџетот оди за други стоки и услуги. Ако се земе предвид изнајмување стан, трошоците за домување значително растат и достигнуваат 21.713 денари месечно, што дополнително го оптоварува буџетот.

Податоците укажуваат на континуиран притисок врз домашните буџети. Ако ваквиот тренд продолжи, сè повеќе граѓани ќе се соочуваат со предизвик да го одржат основниот животен стандард, што ја отвора потребата од посериозни економски мерки за ублажување на ценовниот удар.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни