МСУ отвора истражувачка изложба за заборавените жени уметнички во Македонија

Поставката „Првите. Жените меѓу мажите“ обединува авторки родени до 1949 година чие творештво остана на маргините на доминантниот канон.

Музејот на современата уметност во Скопје на 10 ноември отвора обемна истражувачка изложба посветена на авторките кои ја градеа македонската модерна сцена, но со децении останаа надвор од официјалните историски прегледи. Кураторката Ивана Васева низ дела на над четириесет уметнички поставува поинаков поглед врз уметничкото минато, фокусирајќи се на отпорот, нееднаквиот општествен третман и просторите во кои овие жени создавале знаење наспроти патријархалниот систем.

Поставката тргнува од фактот дека присуството на жените во македонскиот културен простор било постојано, но нивниот придонес редовно завршувал како фуснота или исклучок. Ова истражување ја анализира позицијата на авторките кои морале да се пробиваат во уметнички свет кроен според машките авторитети, често сведени на улога на сопруги, сестри или пасивни сопатнички на познати уметници.

Изложбата ги опфаќа авторките родени во првата половина на дваесеттиот век, заклучно со 1949 година. Дел од нив се родени во Македонија, дел дошле од други средини и тука ја развиле кариерата, а дел биле професорки на подоцнежните генерации сликари и вајари. Нивното образование во Белград, Софија, Загреб и подоцна Скопје во локалната средина донело широк спектар на естетики, почнувајќи од реализам и експресионизам, сè до апстракција и концептуални практики.

Селекцијата претставува дела од Олга Бенсон, Борка Аврамова, Кераца Висулчева, Лена Стефанова, Марица Антонова Попстефаниева, Зора Петровиќ, Василка Христова, Вида Јоциќ, Ана Темкова, Анета Светиева и низа други значајни фигури. Нивниот творечки опсег ги покрива сите медиуми: од класично сликарство, цртеж и скулптура, до текстил, керамика, таписерија и костимографија.

Музејот за оваа намена користи сопствени дела од колекцијата, надополнети со позајмици од државни установи и приватни збирки. Просторот за изложбата го проектираше архитектот Јован Ивановски во соработка со кураторката Васева, користејќи ризоматска просторна структура што ја отсликува дисперзираноста и меѓусебната поврзаност на женските творечки мрежи. Техничката изведба на дизајнот ја реализираа студентите од Факултетот за ликовни уметности од Скопје.

Посебен сегмент од проектот носи историското истражување на Ивана Хаџиевска, насочено кон начините на кои жените во првата половина на минатиот век се организирале, соработувале и дејствувале политички. Иако социјалистичкиот период по Втората светска војна формално донесе еднакви права, културното поле задржа изразена машка доминација, каде што уметничките ретко добиваа самостојни изложби и институционална видливост.


Изложбата ќе биде отворена до 21 март 2027 година, како дел од официјалната годишна програма на институцијата поддржана од Министерството за култура и туризам.

е-Трн да боцка во твојот инбокс