Далеку од камерите: Трамп Јуниор ловел загрозен дивеч со олигарх на Путин во Монголија

Рускиот боксерски функционер му платил дел од свадбата, а потоа со чартер-лет заминал во планините на лов со синот на Доналд Трамп.

Доналд Трамп Јуниор кон крајот на август престојувал во ловишен камп во Монголија заедно со рускиот тајкун Умар Кремљов, личност од најблискиот круг на Владимир Путин. Додека двајцата поминувале денови во лов на загрозени диви овци и строго избегнувале камери, американската амбасада во Улан Батор потрошила 18.715 долари од буџетот за хотелско сместување на специјалните агенти на Тајната служба кои го обезбедувале синот на претседателот.

Патувањето било реализирано во строга дискреција. Трамп Јуниор слетал во главниот град на Монголија, а оттаму се упатил неколку стотици километри на запад кон планините. Во кампот му се придружил Кремљов, придружуван од рускиот бизнисмен Артур Мартиросов, партнер во венчур-фондот „Восход“ кој се наоѓа под санкции на американското Министерство за финансии.

Според официјалните финансиски документи на американската влада, амбасадата во Улан Батор платила точно 18.715 долари за собите на агентите од Тајната служба за периодот од 23 август до 6 септември. Како член на потесното семејство на американскиот претседател, Трамп Јуниор законски има постојана вооружена заштита финансирана од даночните обврзници.

Локалните водичи потврдија за новинарите на „Фајненшл тајмс“ дека двајцата гости инсистирале на строга приватност. На персоналот и возачите им било јасно кажано да не прават никакви заеднички фотографии.

По два дена поминати заедно, Кремљов заминал за Јакутск на натпревар, додека Трамп Јуниор продолжил да лови уште една недела во покраината Бајан-Улгиј. Локалните извори откриваат дека синот на американскиот претседател застрелал алтајски аргали – најголемиот вид дива овца во светот, заштитен со меѓународни конвенции поради драстично намалената популација.

Ова не е прв ваков трофеј. Од 2019 година наваму, ова е најмалку третиот застрелан аргали на неговото конто во Монголија. Ловот на овој вид бара специјални дозволи кои вообичаено им се доделуваат исклучиво на политички моќни странски гости преку директни врски со локалната власт.

По завршувањето на ловот, Трамп Јуниор остварил и официјална средба со претседателот на Монголија, Ухнагин Хурелсух, опишана од неговиот портпарол како неформален разговор за спортски активности на отворено.

Умар Кремљов (43) е роден во Таџикистан како Умар Лутфулоев. Презимето го сменил во 2010 година, откако претходно одлежал пресуди за изнуда во 2004 година и за физички напад во 2007 година. По промената на идентитетот се приклучил на моќната бајкерска група „Ноќни волци“, каде што изградил директен контакт со Алексеј Рубежној, шефот на личната служба за безбедност на Владимир Путин.

Тие врски го катапултираа на врвот на Меѓународната боксерска асоцијација (ИБА) во 2020 година. Организацијата веднаш доби финансиски инјекции од рускиот државен гасен гигант „Газпром“, а Путин лично го одликуваше Кремљов со Државен орден за пријателство. Минатата година Кремљов го презеде и „Ролф“, најголемиот синџир автосалони во Русија, откако фирмата со претседателски декрет беше одземена од странските сопственици.

Пристапот до семејството Трамп се градел преку спортските платформи и конзервативната реторика. Минатиот септември двајцата делеа сцена на панел на ИБА во Истанбул.

Блискоста добила и финансиска димензија на почетокот на годинава. За време на раскошната свадба на Трамп Јуниор на приватните острови на Карибите во мај, токму Кремљов ги покрил трошоците за изнајмување на еден од островите и за свечениот огномет.


Американските разузнавачки аналитичари укажуваат дека ваквите контакти не се случајни пријателства. Дан Хофман, поранешен висок функционер на ЦИА, посочува дека е практично невозможно руски државен функционер и олигарх да гради вакви врски со семејството на американски претседател без претходно одобрение и мониторинг од руските разузнавачки служби.

е-Трн да боцка во твојот инбокс