Државата ќе користи алгоритми за откривање корупција и сомнителни тендери

Бирото за јавни набавки добива надлежност преку дигитални решенија автоматски да детектира сомнежи за злоупотреби при трошењето на буџетот

Собранието ги изгласа измените на Законот за јавни набавки со кои се воведуваат алатки базирани на вештачка интелигенција за следење на тендерските постапки. Пратениците на 122. седница отворија законска основа Бирото за јавни набавки да користи напредни дигитални решенија за автоматско детектирање ризици и спречување злоупотреби на државните пари. Овие измени претставуваат дел од реформските обврски поврзани со Планот за раст на Европската Унија за Западен Балкан.

Законските измени предвидуваат проширување на надлежностите на Бирото за јавни набавки, со фокус на современи дигитални алатки и системи за машинска анализа на податоци. Главната задача на овие алгоритми е рано препознавање ризици, филтрирање на невообичаени ценовни отстапувања и лоцирање можни картелни договарања меѓу фирмите уште пред да се потпишат договорите.

Законот истовремено овозможува автоматска размена на податоци преку веб-сервиси со други државни органи и надлежни институции. Ваквото директно дигитално поврзување треба да ги елиминира бавните административни проверки меѓу институциите, овозможувајќи увид во реално време дали одредени компании влегуваат во шеми за местење на тендерите.

Сепак, освен користењето на вештачката интелигенција, со законот се менува и принцпот на избор на најповолен понудувач. Се воведува примена на принципот „најдобар сооднос помеѓу цена и квалитет“. Со ова институциите добиваат законска обврска при изборот на најповолна понуда да ја оценуваат долгорочната оправданост и техничките стандарди на набавката, наместо фокусот да паѓа исклучиво на најниската понудена цена, пракса која со години резултираше со сомнителни и неквалитетни набавки.

За да се зајакне контролата, се воведува обврска за објавување известување за претходна транспарентност кај набавките во четири очи, односно постапките со преговарање без претходно објавување оглас. Законот го унапредува и Електронскиот пазар за набавки од мала вредност, со цел да се отвори простор за поголема конкуренција на малите бизниси.


Пакетот содржи зголемување на надоместоците за поднесување жалби, што директно ги удира малите и средните претпријатија, ставајќи ги во подредена положба пред големите играчи на пазарот. Кога оспорувањето на наместен оглас бара високи финансиски средства, правната заштита престанува да биде еднакво достапна за секого и станува луксуз. Наместо да го штити јавниот интерес преку контрола на неправилностите, ваквата финансиска бариера ги обесхрабрува помалите компании да реагираат на дискриминаторски критериуми, плашејќи се дека постапката ќе им направи сериозен удар врз тековната ликвидност.

е-Трн да боцка во твојот инбокс