Џеј Зи ќе настапи на полувремето на Супербол во 2027 година

По седум години селекција и продуцирање на туѓи настапи, хип-хоп магнатот најави личен јубилеен спектакл на стадионот СоФај во Калифорнија.

Американскиот хип-хоп ветеран Џеј Зи ќе биде главна ѕвезда на полувремето на Супербол во 2027 година, потврдија од американската фудбалска лига (НФЛ), „Епл мјузик“ и неговата компанија „Рок нејшн“. Шоуто ќе се одржи на 14 февруари 2027 година на стадионот СоФај во Инглвуд, Калифорнија. Настапот на најгледаниот спортски настан на планетата доаѓа точно три децении по неговиот дебитантски албум и претставува директно крунисување на неговата триесетгодишна музичка и продуцентска кариера.

Џеј Зи преку матичната куќа „Рок нејшн“ раководи со забавниот сегмент и полувремето на Супербол уште од 2019 година. Соработката започна со латино-спектаклот на Шакира и Џенифер Лопез во 2020 година, по што реперот континуирано ја кроеше програмата на која настапија уметници како Кендрик Ламар, Ријана, Д Викенд и претходно Бед Бани.

Тогаш му порача на комесарот на НФЛ, Роџер Гудел, дека не сака преговори за сопствен настап. Гудел сега потврди дека лигата со години чекала тој самиот да процени кога е вистинскиот момент да застане на бината.

„Од албумот Reasonable Doubt до сцената на полувремето на Супербол, ова беше вистинско патување. Триесет години музика, работа и култура на најголемата светска сцена. Ова и понатаму е остварување на сонот“, порача 56-годишниот рапер во официјалното соопштение.

Веста доаѓа веднаш по завршувањето на неговата јубилејна концертна серија во Њујорк, Лондон и Лос Анџелес со која одбележа 30 години творештво. Роден како Шон Картер, тој зад себе има 25 Греми награди и вкупно 89 номинации. Со таа бројка се наоѓа веднаш зад неговата сопруга Бијонсе, која веќе двапати го предводеше ова шоу.

Неговиот прв албум од 1996 година лани влезе во Греми куќата на славните. Со албуми како The Blueprint и The Black Album и хитови што ја дефинираа модерната продукција, Џеј Зи ја премости границата меѓу андерграунд рапот и глобалната поп-култура. Преку бизнис потфатите во „Рок-А-Фела рекордс“ и подоцна „Рок нејшн“, стана пример за авторска контрола врз музичките права, нешто што денес е главен предизвик за младите музичари и дигиталните автори кај нас и во регионот.


Последното негово студиско издание беше албумот 4:44 во 2017 година, додека заедничкиот проект со Бијонсе излезе во 2018 година. И покрај отсуството на нови радиски хитови во последниве години, лигата процени дека неговиот историски авторитет и продуцентски печат се доволен гарант за настан што привлекува над сто милиони гледачи во живо.

е-Трн да боцка во твојот инбокс