Швајцарските гласачи на 29 ноември ќе одлучуваат на референдум дали целосно ќе ја забранат продажбата и употребата на бучни огномети на територијата на целата земја. Граѓанската иницијатива, поддржана од еколошките здруженија и организациите за заштита на животните, собра над 137.000 потписи. Главната цел е да се прекине трауматизирањето на домашните и дивите животни, но и да се спречи сериозното загадување на воздухот со опасни честички при секое масовно славење.
Предлогот за референдумско изјаснување произлезе од долгогодишните апели на здруженијата за благосостојба на животните. Организацијата „Швајцарска заштита на животните“ (STS) директно предупреди дека празничната пиротехника за животните не претставува прослава, туку чиста траума. Ненадејните експлозии предизвикуваат панично бегство, повреди, дезориентација кај птиците и висок ризик од смртни исходи кај домашните миленици и дивечот.
Анкетите спроведени за швајцарскиот јавен сервис покажуваат дека дури 69 отсто од граѓаните ја поддржуваат забраната, наспроти 29 отсто кои се против. Поддршката е особено изразена кај жените, каде 76 проценти бараат итен крај на бучната пиротехника.
Иницијативата прави јасна разлика меѓу опасните детонации и визуелните светлосни ефекти. Предвидено е целосно повлекување од продажба на сите пиротехнички средства што создаваат заглушувачки звук. Граѓаните и понатаму ќе можат слободно да користат тивки алтернативи, како што се прскалките и светлосните вулкански ефекти.
Кантоните ќе задржат дискреционо право да одобрат исклучоци за големи, контролирани јавни манифестации од значење, како што е националниот празник на 1 август. Сепак, приватната употреба на гласни огномети од страна на поединци ќе биде целосно забранета насекаде.
Покрај звучниот терор, официјалните мерења на швајцарските институции покажуваат сериозен еколошки удар. Огнометите годишно испуштаат меѓу 200 и 400 тони ситни ПМ-честички во воздухот, што претставува дури два до три проценти од вкупната годишна емисија на такви честички во државата.
Овие честички содржат тешки метали опасни за респираторниот систем, особено за лицата со хронични заболувања. Во периоди на суша, неконтролираните ракети редовно предизвикуваат шумски пожари, што дополнително ја наметна потребата од државна регулатива наместо досегашните парцијални општински мерки.
Со ова гласање Швајцарија се приближува кон моделот на Холандија, која веќе воведе национална забрана за потрошувачка пиротехника. Десните партии и пиротехничкиот бизнис тврдат дека мерката ја нарушува традицијата и претприемништвото, но притисокот на јавноста за мирен урбан простор добива институционална предност.
