Електричните возила ѝ заштедија на ЕУ речиси три милијарди евра за време на нафтениот шок

Преминот кон струја спречи увоз на 200 милиони барели сурова нафта за шест месеци, додека цените на бензинските пумпи дивеат поради блокадите.

Електричните автомобили на европските патишта директно заштедија 2,76 милијарди евра од увоз на нафта меѓу март и август 2026 година, покажува анализата на тинк-тенкот Ембер. Додека глобалниот нафтен пазар бележи скок на цените на суровата нафта брент од 32 отсто поради воената криза на Блискиот Исток и блокадата на Ормускиот Теснец, забрзаната електрификација се покажа како финансиски и безбедносен штит за потрошувачите.

Брент нафтата на 22 октомври достигна речиси 100 долари за барел, што е највисоко ниво во последните пет недели. За споредба, на 27 февруари 2026 година, ден пред избивањето на воениот конфликт, истиот барел се тргуваше за 67 долари. Растот на цените директно се прелева на товарот на возачите, пред сѐ поради несигурноста околу поморскиот коридор низ Ормускиот Теснец, низ кој минува една петтина од светската нафта и течен природен гас.

Податоците од глобалниот пазар покажуваат остар контраст. Продажбата на електрични возила порасна за 11 отсто на годишно ниво во првите осум месеци од 2026 година, додека побарувачката за возила со бензински и дизел мотори забележа пад од шест отсто.

Анализата на Ембер, која опфаќа 56 земји одговорни за 90 отсто од светската продажба на електрични возила, пресмета дека батериите замениле околу 200 милиони барели сурова нафта. Тоа претставува директна заштеда од 17,82 милијарди евра за период од шест месеци.

Кина генерира најголем дел од овој резултат. Со својата флота од 44 милиони електрични возила, земјата заштеди 12,48 милијарди евра. Во рамките на Европската Унија, најголеми финансиски заштеди остварија Германија со 677 милиони евра и Франција со 499 милиони евра.

Гледано пропорционално според домашната потрошувачка, Данска е европски лидер. Данските електрични возила годишно заменуваат 6,4 милиони барели, што одговара на дури 13 отсто од вкупната нафтена потрошувачка на земјата за 2025 година. Велика Британија, пак, за шест месеци заштеди 704 милиони евра.

„Земјите што инвестираа во електрични возила пред оваа криза сега се подобро заштитени, а се повеќе држави го следат тој пример“, изјави Еуан Грахам, виш енергетски аналитичар во Ембер. Според него, секое ново електрично возило ја намалува изложеноста кон нестабилните берзи и гради отпорност против идни шокови во снабдувањето.


Еколошката пресметка останува нераскинливо врзана со производството на струја. Извештајот на организацијата Транспорт и животна средина покажува дека електричните возила се за 30 отсто почисти дури и на јаглеродно интензивни мрежи како полската. Доколку се полнат со струја од обновливи извори, тие загадуваат до пет пати помалку од бензинците. Во пресрет на климатскиот самит COP31, граѓанските организации предупредуваат дека фокусот мора да остане на сонцето и ветерот, наместо електрификацијата да послужи како алиби за отворање нови гасни централи.

е-Трн да боцка во твојот инбокс