Инстаграм започна тестирање на нова опција наречена „Features“, која овозможува објавување видеа со времетраење до 90 минути. По долгогодишна трка со вертикални кратки клипови, компанијата прави остар стратешки пресврт за да ги задржи креаторите на содржина. Првите тестови веќе се активни во Бразил и Соединетите Американски Држави, со цел да се спречи одливот на публиката и парите кон видеоплатформата на Гугл.
Вертикалните кратки формати како Рилс го дефинираа начинот на кој се користи интернетот во изминатите неколку години. Сепак, креаторите зад овие видеа не успеваат да заработат доволно пари директно од платформата.
Првиот човек на Инстаграм, Адам Мосери, отворено призна дека моделот за директни исплати преку перформанси не е одржлив за компанијата.
„Можете да бидете платени директно од платформата, од обожавател и од бренд. Во моментов на Инстаграм примарно ве плаќаат брендовите. Сè уште имаме мала програма заснована на перформанси, но трошиме многу повеќе пари отколку што враќаме, па нема смисла да ја зголемуваме бидејќи само гориме капитал“, изјави Мосери во поткастот на Колин и Самир.
Јутјуб има поинаков пристап. Преку својата партнерска програма, платформата им исплаќа на креаторите 55 проценти од приходите од реклами. Минатата година компанијата соопшти дека исплатила повеќе од 100 милијарди долари на креатори, уметници и медиумски куќи за период од четири години. Поради ваквиот сооднос, многу дигитални автори ги користат профилите на Инстаграм и ТикТок само како рекламен простор за своите подолги содржини на Јутјуб.
Инстаграм сега тестира и алатка „Clips as Reels“, со која авторите можат од долгите видеа да создаваат кратки најави. Овие кратки клипови ги насочуваат корисниците директно кон целото видео. Публиката добива опција и да го зачува долгото видео за подоцна да го гледа преку апликацијата на телевизор.
Потпретседателката за производи во Инстаграм, Теса Лајонс, го убедила Мосери да му даде втора шанса на долгиот формат, иако компанијата претходно го укина неуспешниот обид наречен ИГТВ.
„Рилс и понатаму ќе биде главен дел од Инстаграм. Но, кога сакате да навлезете подлабоко со креаторите што ги сакате, треба да имате можност тоа да го направите на Инстаграм“, посочи Лајонс.
Од Мета сè уште не откриваат дали и кога ќе воведат прецизен модел за поделба на парите од реклами во долгите видеа.
