Уморот кај пилотите станува сериозен ризик: 76 отсто признаваат дека заспиваат на лет

Истражување спроведено меѓу 7.200 европски пилоти открива дека стравот од казна ги принудува да управуваат авиони и покрај тешката премореност.

Околу 76,8 отсто од европските пилоти доживеале барем една епизода на микросон додека управувале со авион во изминатиот месец. Ова го покажуваат податоците од обемното истражување спроведено за Европската асоцијација на пилоти (ЕЦА). Германскиот синдикат на пилоти „Ферајнигунг кокпит“ (ВЦ) предупредува дека хроничниот умор кај екипажите претставува сериозен безбедносен ризик за патничкиот авиосообраќај низ Европа.

Истражувањето кое за Европската асоцијација на пилоти го изработи специјализираната консултантска компанија „Бејнс Симонс“ опфати 7.200 комерцијални пилоти. Резултатите покажуваат дека дури три од четири пилоти се борат со неконтролирани краткотрајни епизоди на несвестица од неколку секунди додека трае летот.

Дополнително, 36,8 отсто од испитаниците изјавиле дека немаат доволно време за одмор меѓу смените за да го спречат акумулирањето на заморот. Податоците покажуваат дека проблемот не е изолиран инцидент, туку системска состојба која директно влијае врз безбедноста на патниците.

Анкетата бележи длабок дефицит во транспарентното пријавување на неспособноста за работа. Само 37,2 отсто од пилотите редовно пријавуваат дека не се подготвени за лет кога чувствуваат опасен степен на исцрпеност.

Речиси четвртина од анкетираните, односно 24,2 отсто, признале дека свесно продолжиле да летаат иако биле преморени. Главна причина за тоа е отворениот страв од дисциплински мерки, деградација или одмазда од страна на менаџментот на авиокомпаниите.

Ања Гранвогл, членка на управата на синдикатот „Ферајнигунг кокпит“ задолжена за безбедност, посочи дека слични предупредувања се забележани и во истражувањето од пред три години, но состојбите не бележат подобрување.

„Безбедноста на летањето не смее да зависи ниту од економските притисоци со кои се соочуваат авиокомпаниите, ниту од храброста на поединечните пилоти“, изјави Гранвогл.


Синдикалните организации бараат европските регулаторни тела да воведат построг надзор врз реалните работни распореди и да ги затворат правните дупки кои им овозможуваат на авиопревозниците да штедат на времето предвидено за физички одмор на екипажите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс