Романија откри руска мрежа за саботажи по пожар кај фабрика за оружје во Брашов

Истрагата за пожарот кај комплексот „Карфил“ доведе до апсења во Германија и потерница по мрежа со координирани цели низ Европа.

Романските безбедносни служби открија мрежа за саботажи координирана од Русија, одговорна за подметнатиот пожар во септември во индустрискиот комплекс „Карфил“ во Брашов, во близина на фабрика за одбранбена опрема. Романската разузнавачка служба (СРИ) потврди дека цел на операциите биле воени и индустриски капацитети, додека обвинителите лоцираа тројца осомничени странски државјани, од кои двајца се веќе уапсени во Германија.

Истрагата на Романската управа за истражување организиран криминал и тероризам (ДИИКОТ) и разузнавачката служба СРИ утврди дека пожарот од 14 септември во индустрискиот парк „Карфил“ не бил случаен инцидент. Комплексот се наоѓа непосредно до погоните на компанијата „Карфил СА“, ќерка-фирма на романскиот државен производител на оружје „ЦН РОМАРМ“.

Обвинителите идентификуваа три лица директно вмешани во операцијата: двајца државјани на Белорусија и еден државјанин на Украина. Двајца од осомничените беа лоцирани и уапсени на територијата на Германија додека подготвувале слични саботажни дејства, додека за третиот осомничен, кој се наоѓа во Полска, романските власти распишаа европска потерница.

Според податоците на СРИ, дејствувањето на групата било насочено од надворешни центри во Русија, со задача да се лоцираат и оштетат јавни и приватни фабрики за оружје, како и критична инфраструктура.

Романскиот министер за надворешни работи Дан Некулаеску соопшти дека инцидентот во Брашов претставува дел од поширока руска кампања на саботажи насочена против европската одбранбена индустрија, нагласувајќи дека ваквите хибридни удари нема да ја запрат одбраната на земјата. Во текот на оваа година, романските служби регистрирале и други обиди за саботажа, вклучително и обиди за напади врз меѓународни воени локации каде што се обучуваат украински војници.


Фабриката „Карфил“ неодамна потпиша меморандум за соработка со грчката компанија „Алтус ЛСА“ за развој на автономни одбранбени системи и опрема за соборување дронови.

е-Трн да боцка во твојот инбокс