Антропик ја врати довербата во вештачката интелигенција и ги крена технолошките берзи

По потегот на компанијата вредна два билиони (2000 милијарди) долари за излегување на берза, технолошкиот сектор бележи скок пред почетокот на новата рунда заработки.
Фото: Anthropic

Официјалната најава на компанијата Антропик за излегување на берза го прекина неколкудневниот пад на технолошките индекси на Волстрит и ја врати довербата на инвеститорите во секторот за вештачка интелигенција. Документите поднесени пред отворањето на американските берзи покажаа раст на приходите од 1.304 отсто во првите шест месеци од годинава, достигнувајќи 1,16 милијарди долари. Овој скок директно ги повлече нагоре акциите на водечките производители на чипови, во пресрет на новите деловни извештаи на корпорациите.

Најавата на авторот на популарниот чет-бот Клод веднаш ги активираше берзите. Фондот iShares Semiconductor скокна за речиси три проценти, додека берзанскиот индекс за полупроводници во Филаделфија забележа раст од 2,82 отсто. Добивки остварија клучните играчи во индустријата, меѓу кои Енвидија, Бродком, АМД и Микрон. Овие бројки покажаа дека побарувачката за специјализиран хардвер за вештачка интелигенција не забавува, наспроти стравувањата за исплатливоста на огромните инфраструктурни вложувања.

Аналитичарите од Њујорк очекуваат Антропик да излезе на јавна берза веќе следниот месец, со проценка на вредноста на бизнисот меѓу 1,5 и 2 билиони долари. Документот на компанијата, подготвен на околу 400 страници, содржи и детални предупредувања за деловните ризици. Меѓу нив се наведени можните финансиски штети од непредвидливото однесување на напредните системи, како и неможноста компанијата целосно да се осигура од евентуални катастрофални штети предизвикани од моделите.


Пазарот доби дополнителен ветар во грб и од другите технолошки центри. Компанијата Мета соопшти дека подготвува финансиски пакет од 95 милијарди долари за развој на сопствени капацитети, додека СпејсИкс потврди договор за долг од 40 милијарди долари наменет токму за набавка на процесори за обработка на податоци. Потегот на Антропик ги смири пазарните колебања од изминатата недела, кога дел од инвеститорите изразија сомнеж дека брзиот развој се финансира преку преголеми задолжувања.

е-Трн да боцка во твојот инбокс