Силен земјотрес од 7,6 степени крај брегот на Панама – се стравува од цунами во повеќе држави

Епицентарот бил покрај јужниот брег на длабочина од десет километри; граѓаните во паника ги напуштаа зградите, а тревога за цунами е активирана за бреговите на Панама, Колумбија, Еквадор, Никарагва и Гватемала.

Силен земјотрес со магнитуда од 7,6 степени денеска го погоди подрачјето долж јужниот брег на Панама, јавува „Ројтерс“, повикувајќи се на Американскиот геолошки институт (USGS). Земјотресот е регистриран на длабочина од десет километри.

Поради земјотресот постои опасност од цунами на делови од пацифичкиот брег на Средна и Јужна Америка. USGS првично ја процени магнитудата на земјотресот на 8,0 степени, но подоцна ја намали на 7,6. Засега нема извештаи за материјална штета во Панама.

Земјотресот ги затресе зградите во главниот град Панама Сити, каде што луѓето ги напуштаа објектите и излегуваа на улиците. Вознемирените жители се собираа на отворено и чекаа информации за можните последици од потресот.

„Силно го почувствувавме. Во кујната работите се превртуваа, но добри сме, иако сме многу исплашени. Сите се надвор и преплашени“, изјави за „АП“ 60-годишниот Росендо Домингез од провинцијата Херера, каде што се случил земјотресот.

Американската национална метеоролошка служба издаде предупредување за цунами за бреговите на Панама, Колумбија, Еквадор, Никарагва и Гватемала.

Земјотресот се почувствувал во Панама Сити, главниот град на Панама, но и во Сан Хозе, главниот град на соседна Костарика. Според пишувањата на локалните медиуми, потресот се почувствувал и во делови од соседна Колумбија.

Цивилна заштита на Панама објави дека проверува каква штета настанала во подрачјата близу епицентарот на земјотресот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс