Кoja e Kимберли Гилфојл: Амбасадорката на Трамп што ја тресе Атина?

Од обвинителка и водителка на „Фокс њуз“ до амбасадорка на САД во Грција и поранешна свршеница на Доналд Трамп Помладиот. Кимберли Гилфојл се најде во центарот на контроверзии по наводна изјава за можноста Вашингтон да влијае врз падот на странски влади и по прашања за нејзините врски со лобисти и енергетски компании

На 25 септември 2026 година, „Волстрит џурнал“ објави истрага за американската амбасадорка во Грција, Кимберли Гилфојл, во која се отворија прашања за нејзините изјави на вечера во Атина и за нејзините контакти со луѓе поврзани со енергетскиот сектор. Според весникот, на вечерата во март, на која присуствувале грчки и американски функционери, се разговарало за падот на романската влада на премиерот Илие Болојан.

Гилфојл наводно рекла дека Соединетите Американски Држави можат да предизвикаат слични политички промени и во други земји, вклучувајќи ја и Грција. „Можеме да го направиме тоа во која било земја. Можеме и тука“, е изјавата што ја пренесоа медиумите. Според наводите, грчкиот министер за енергетика Ставрос Папаставру ѝ одговорил дека САД не можат да ја сменат грчката влада, која е избрана од граѓаните.

Гилфојл ги отфрли наводите, а нејзиниот адвокат ја оспори верзијата на „Волстрит џурнал“. Генералниот секретар на владејачката партија Нова демократија, Константинос Киранакис, за весникот „Катимерини“ изјави дека бил присутен на разговорот и дека немало никаква закана за Грција. Грчката влада, исто така, негираше дека земјата била изложена на закана од американската амбасадорка.

Вториот дел од истрагата се однесува на односите на Гилфојл со Христос Марафатсос, регистриран лобист поврзан со грчката градежна и енергетска компанија „Актор груп“. Според федералните документи што ги цитира „Волстрит џурнал“, до јуни 2026 година компанијата му платила 160.000 долари за да воспоставува контакти со Стејт департментот, американското Министерство за енергетика и Канцеларијата на претседателот. Марафатсос се регистрирал како лобист четири дена по средбата меѓу Гилфојл и генералниот директор на „Актор“, Александрос Ексарху. Според објавените информации, тоа била неговата прва регистрација како лобист во САД.

Германски медиуми објавија дека Гилфојл посетувала повеќе балкански земји, промовирајќи ја набавката на американски течен природен гас. Во тие активности наводно ја фаворизирала и „Актор“, компанија без значително претходно искуство во гасниот бизнис. Марафатсос често бил покрај неа, до степен што некои странски функционери наводно го сметале за нејзин шеф на кабинет. „

Актор“ формираше заедничко претпријатие, „Атлантик-СИИ ЛНГ“, со грчката државна компанија ДЕПА, со удели од 60 и 40 отсто. Новото претпријатие потоа потпиша договори и меморандуми со компании од гасниот сектор во Бугарија, Украина, Босна и Херцеговина и Романија. Договорот со Албанија, вреден шест милијарди долари, доколку биде целосно реализиран, би ја обврзал земјата да купува гас од компанијата до 2050 година. Украинската државна гасна компанија, пак, соопшти дека разговорите за идни набавки од „Атлантик-СИИ ЛНГ“ се прекинати.

Реакциите: од Вашингтон до Букурешт

Сенаторката Џин Шахин, највисокопозиционираната демократка во Сенатскиот комитет за надворешни работи, во писмо до државниот секретар Марко Рубио предупреди на можна „несоодветна употреба на службената позиција“. И конгресменот Грегори Микс испрати писмо до Рубио на 1 октомври. Демократските претставници побараа список на сите средби на кои присуствувал лобистот, информации за можните финансиски интереси на Гилфојл и целосен извештај за нејзиното наводно промовирање на „Актор“. Тие побараа и информации за нејзините летови со приватни авиони, меѓу кои и лет за кој, според објавените наводи, платил директорот на компанијата.

Во Романија, изјавите предизвикаа политичка реакција. Пратеникот Александру Димитриу од партијата Сојуз за спас на Романија поднесе пријава за велепредавство против политичари кои се сретнале со Гилфојл, обвинувајќи ги за соработка со странска сила со цел економско поткопување на земјата. Во Атина, независната пратеничка Анагностопулу го отвори прашањето пред собранискиот комитет за надворешни работи, оценувајќи дека реакцијата во Грција била „пригушена до непостоечка“.

Американската администрација застана во одбрана на амбасадорката. Американската амбасада соопшти дека Гилфојл ги почитува етичките правила на Стејт департментот, додека Рубио ја опиша како „неверојатно ефикасна застапничка“ на агендата на претседателот во Грција и Европа. На 6 октомври таа го пречека Рубио на аеродромот во Атина, каде што пристигна за шестиот Стратешки дијалог меѓу Грција и САД.

Кој е Кимберли Гилфојл?

Кимберли Гилфојл е родена на 9 март 1969 година во Сан Франциско. Нејзината мајка, Мерседес, потекнувала од Агвадиља во Порторико, работела како наставничка во специјалното образование и починала од леукемија кога Кимберли имала 11 години. Нејзиниот татко, Тони, е роден во Енис, Ирска, а на 20-годишна возраст емигрирал во САД. Работел во градежништвото, а подоцна станал инвеститор во недвижности.

Гилфојл дипломирала на Калифорнискиот универзитет во Дејвис, а во 1994 година завршила право на Универзитетот во Сан Франциско. Во тој период работела и како модел, меѓу другото, за рекламни кампањи на стоковната куќа „Мејсис“. Кариерата како обвинителка ја започнала во Сан Франциско, но во 1996 година ја изгубила работата кога новиот јавен обвинител отпуштил 14 обвинители. Потоа четири години работела во Лос Анџелес, а од 2000 до 2004 година повторно била обвинителка во Сан Франциско.

Бракот со Гевин Њусом и телевизиската кариера

Во декември 2001 година се омажила за Гевин Њусом, денешниот гувернер на Калифорнија. Кога тој станал градоначалник на Сан Франциско, Гилфојл ја презела улогата на прва дама на градот. Двојката се разделила во 2004 година, а разводот бил финализиран во 2006 година. Истата година таа се омажила за Ерик Вилензи, сопственик на компанија за мебел, со кого го има синот Ронан. Се развеле во 2009 година.

Во 2004 година се преселила во Њујорк и почнала да работи за „Корт ТВ“, а во февруари 2006 година преминала во „Фокс њуз“. Од 2011 година била една од водителките на политичкото ток-шоу „Петмината“ („The Five“), кое стана едно од познатите емисии на телевизиската мрежа.

Заминувањето од „Фокс њуз“

Во јули 2018 година, Гилфојл ненадејно ја напушти телевизијата. „Хафингтон пост“ објави дека „Фокс њуз“ претходно истражувал обвинување за сексуално вознемирување против неа и дека ѝ бил поставен избор да поднесе оставка или да биде отпуштена. „Њујоркер“ подоцна објави дека телевизијата постигнала вонсудско порамнување со нејзината поранешна асистентка, која ја обвинила за сексуално вознемирување. Според објавата, износот на порамнувањето бил најмалку четири милиони долари. Гилфојл ги негираше обвинувањата.

Во јуни 2018 година, Ванеса Трамп, која претходно поднела барање за развод од Доналд Трамп Помладиот, потврди дека тој е во врска со Гилфојл. Двојката се сврши на 31 декември 2020 година, но врската заврши во 2024 година, кога во јавноста се појавија информации дека Трамп Помладиот е во врска со Бетина Андерсон.

Во претседателската кампања во 2020 година, Гилфојл ја предводеше финансиската оператива. Според „Хафингтон пост“, кампањата тајно ѝ исплаќала по 15.000 долари месечно преку приватната компанија на тогашниот менаџер на кампањата. „Политико“ пишуваше за проблеми во одделот за собирање средства и за несоодветни разговори на вечери со донатори. Нејзиниот говор на Републиканската национална конвенција во 2020 година стана вирален поради гласниот и драматичен настап. Критики доби и затоа што се претстави како „Американка од прва генерација“, иако нејзината мајка, родена во Порторико, била американска државјанка.

На 6 јануари 2021 година, Гилфојл зборуваше на митингот пред Белата куќа, непосредно пред упадот во Капитолот. Според „Венити фер“, за говорот, кој траел помалку од три минути, добила 60.000 долари. Во март 2022 година, Конгресниот комитет што го истражуваше нападот врз Капитолот ѝ испрати судски повик.

Патот до Атина

Доналд Трамп ја предложи Гилфојл за американска амбасадорка во Грција на 10 декември 2024 година, неколку дена по раскинувањето на нејзината врска со неговиот син. Сенатот ја потврди номинацијата на 18 септември 2025 година, со 51 глас „за“ и 47 „против“, во рамки на пакет од 48 кандидати за различни функции. Потврдувањето следуваше по промената на парламентарните правила со која републиканското мнозинство го олесни усвојувањето на номинациите.

Гилфојл пристигна во Грција на 1 ноември 2025 година, а на 4 ноември му ги предаде акредитивите на грчкиот претседател Константинос Тасулас. Со тоа стана првата жена на функцијата американска амбасадорка во Грција.

Според „Волстрит џурнал“, Трамп, кој и по раскинувањето на нејзината врска со неговиот син продолжил да се однесува пријателски кон неа, наводно објаснил дека ја номинирал затоа што „морал да ја тргне оттука“. Трамп не присуствувал на свадбата на својот син со Андерсон.

Животот во Грција

Уште пред сегашните контроверзии, медиумите го следеа луксузниот живот на амбасадорката. „Дејли бист“, повикувајќи се на „Дејли мејл“, објави дека во ресторан на Миконос нејзин соработник инсистирал сметката за вечерата да биде платена од домаќините. Подоцна, еден функционер изјавил дека амбасадорката сепак ја платила сметката.

Сега нејзиниот мандат во Атина е под зголемено внимание во Вашингтон и во дел од европските престолнини. Контроверзиите околу наводната изјава за политичко влијание, контактите со лобисти и промовирањето на американскиот течен природен гас отворија прашања за границата меѓу дипломатското застапување на националните интереси и можниот судир на интереси.

Белата куќа и Стејт департментот засега ја поддржуваат амбасадорката, додека демократските претставници бараат дополнителни објаснувања и истрага.

е-Трн да боцка во твојот инбокс