Љубовта, страста и жртвата ќе оживеат на сцената на Националната опера и балет на 28 ноември, со почеток во 19:30 часот, кога ќе биде изведена балетската претстава „Дамата со камелии“, на музика од Џузепе Верди.
Инспирирана од познатата љубовна приказна за Маргарита и Арман, претставата ја пренесува нивната трагична судбина преку танц, музика и сценски израз. Во центарот на приказната се љубовта и личните жртви, но и општествените ограничувања што застануваат на патот на двајцата вљубени.
Со изведбата ќе диригира Едуард Амбарцумјан од Ерменија, а кореографијата е на Василиј Медведев, руски кореограф кој соработувал со водечки балетски театри, меѓу кои московскиот „Бољшој“ и „Марински“ во Санкт Петербург.

Сценографијата и костимографијата се дело на Павол Јураш од Словачка, додека концерт-мајстор е Јане Бакевски.
Во главните улоги ќе настапат Марија Кичевска Шокаровска како Маргарита и Франциско Хименес Руиз од Шпанија како Арман, заедно со солистите, балетскиот ансамбл и оркестарот на Националната опера и балет.
Раскошната сценографија, впечатливите костими и музиката на Верди ја надополнуваат оваа сценска приказна за љубов која се судира со општествените правила и личните избори.
Претставата е закажана за сабота, 28 ноември, во 19:30 часот, на сцената на Националната опера и балет во Скопје.
