Алијанц: Европската автоиндустрија сама си е виновна за кризата

„Алијанц трејд“ предупредува дека кратењето на инвестициите од 20 отсто, фокусот на дивиденди и задоцнетиот развој на софтвер и батерии им го отворија патот на кинеските конкуренти да завладеат со пазарот во Европа.

Европските производители на автомобили оваа година ги намалија инвестициите за околу 20 проценти, токму во моментот кога им се заканува понатамошно технолошко заостанување зад кинеските конкуренти, предупредува „Алијанц трејд“ (Allianz Trade) во новата студија за иднината на европската автоиндустрија.

Економистите на „Алијанц“ притоа не го гледаат проблемот само во послабата побарувачка, поскапата енергија или кинеската конкуренција. Тие заклучуваат дека голем дел од сегашната криза е последица на одлуките на самите европски производители, кои предолго инвестираа во мотори со внатрешно согорување, краткорочна профитабилност и дивиденди, а предоцна во електрификација, батерии и софтвер.

„Начинот на распределба на капиталот во текот на изминатите две децении сега ни се враќа како бумеранг“, изјави Гијом Дежан од „Алијанц трејд“. Тој додаде дека производителите, кога конечно почнаа повеќе да вложуваат во технологиите на иднината, парите ги распрснаа на преголем број проекти.

Автоиндустријата ги намалува инвестициите, другите големи концерни ги зголемуваат

Според анализата на „Алијанц“, овогодишниот пад на инвестициите во европската автоиндустрија од околу 20 проценти е најголем од 2018 година.

Истовремено, големите европски компании од другите сектори ги зголемија инвестициите за околу 10 проценти. „Алијанц“ предупредува дека кратењата во автоиндустријата се случуваат токму додека софтверски дефинираните возила, вештачката интелигенција и автономното возење целосно ја менуваат пазарната трка.

Проблемот е и во тоа што кај електричните автомобили голем дел од вредноста на возилото премина од класичниот мотор и механиката врз батеријата и софтверот.

Кај автомобилите со мотор со внатрешно согорување, моторот и шасијата сочинуваа околу 35 до 45 проценти од вредноста на возилото. Кај електричниот автомобил батеријата и софтверот заедно сочинуваат меѓу 50 и 60 проценти од вредноста.

Кинеските производители сè посилни во Европа

„Алијанц“ наведува дека кинеските марки сега држат околу 10 проценти од вкупните регистрации на автомобили во Европа, 16 проценти од пазарот на батериски електрични возила и дури 26 проценти од плаг-ин хибридите.

Нивниот раст ќе биде особено видлив на Салонот за автомобили во Париз што започнува следната недела. Кинеските брендови ќе сочинуваат половина од изложувачите, додека во 2024 година беа 23 проценти. „Ројтерс“ наведува дека во Париз доаѓаат рекордни 20 кинески марки, двојно повеќе отколку пред две години.

Истовремено, продажбата на електрични автомобили во Европа оваа година расте за речиси 45 проценти, а нивниот удел во регистрациите достигна околу 22 проценти, односно речиси е изедначен со бензинските автомобили.

Германските производители изгубија голем дел од пазарот

Особено е погодена германската автоиндустрија.

Трите најголеми германски производители од 2021 година загубија околу десет процентни поени од пазарниот удел во Европа и седум поени во Кина.

„Алијанц“ проценува и дека додадената вредност по возило што го произведуваат во Европа во првата половина од оваа година паднала меѓу 30 и 45 проценти во споредба со 2021 и 2022 година.

Доколку нивниот пазарен удел до 2030 година падне за дополнителни три процентни поени во Европа и Кина, „Алијанц“ проценува дека тие би изгубиле уште околу три милијарди евра додадена вредност.

„Алијанц“ предупредува на ризиците од еднострано затворање на пазарот

Студијата предупредува дека решението не е само во обидот за присилно враќање на целото производство на батерии во Европа.

Според пресметката на „Алијанц“, строгите барања поголемиот дел од батериите да се произведуваат во Европа би можеле да ја зголемат цената на електричниот автомобил за околу 2.000 евра, односно за приближно пет проценти.

Дури и во такво сценарио, европското производство до 2035 година би можело да покрие само околу половина од домашната побарувачка за батерии, додека над 70 проценти од батериската технологија инсталирана во Европа, според сегашните планови, сè уште би ја контролирале азиски компании.

Поради тоа, „Алијанц“ предлага партнерства со азиските производители на батерии и чипови, заеднички набавки и истражувања, како и намалување на бројот на различни платформи за електрични возила.

Како области во кои Европа сè уште може да создаде предност се издвојуваат батериите со цврст електролит, рециклирањето, сопствениот дизајн на чипови, инфраструктурата за вештачка интелигенција, како и автономните камиони и логистиката.

Заклучокот на студијата е дека на европската автоиндустрија не ѝ се потребни нужно само повеќе пари, туку пред сè многу подисциплинирано инвестирање во технологиите во кои моментално се води главната глобална битка.

е-Трн да боцка во твојот инбокс