На најголемата италијанска семејна винарија „Маркези Антинори“ (Marchesi Antinori) ѝ се украдени 30 илјади шишиња врвно вино во вредност од околу пет милиони евра, соопшти компанијата.
„Антинори“, чие производство датира уште од 1385 година, а денес извезува во 170 земји, ги предупреди купувачите да бидат внимателни со понудите надвор од официјалните продажни канали по грабежот што се случи минатиот викенд. Производителот сè уште се надева на враќање на украденото вино, пренесува „Ројтерс“.
Компанијата соопшти дека крадците однеле меѓу осум и десет илјади шишиња од „Солаја“ (Solaia), една од најбараните италијански етикети, како и од вината „Тињанело“ (Tignanello) и „Гвадо ал Тасо“ (Guado al Tasso).
Овие вина во малопродажба се продаваат по цена од 150 евра па нагоре, но некои од најретките берби можат да достигнат и по неколку илјади евра за едно шише.
Серија грабежи на италијански винарии
Станува збор за последниот во низата грабежи на италијански винарии, откако во јули крадците ја опустошија и познатата винарија „Банфи“ (Banfi) во Монталчино.
Претходно, ваквите кражби вклучуваа помали количини, односно неколку украдени шишиња од ресторани, подруми или некоја од дистрибутивните локации, но поновите случаи се однесуваат на грабежи од огромни размери од залихите сместени директно во самите винарии.
„Антинори“, со седиште во Фиренца, поседува снимки од надзорните камери кои прикажуваат седуммина маскирани мажи како минатиот викенд влегуваат во складиштето во Кортона и ги оневозможуваат алармните системи. Потоа, илјадници сандаци тоскански црвени вина натовариле во два камиона, пишува „Ројтерс“.
Од „Антинори“ наведуваат дека времето на изведување и професионалноста на кражбата, откриена во понеделникот наутро кога персоналот пристигнал во складиштето, упатуваат на тоа дека во неа била вклучена високоорганизирана група.
Грабежот дополнително бил олеснет од фактот што вината во тој момент биле веќе подготвени за испорака.