„Сакаме да го уништиме капитализмот, не Франција“

Шест викенди по ред во Франција се одржуваат протести против високите цени, пропаѓањето на јавните услуги и полициската бруталност. Додека Емануел Макрон ја обвинува ултралевицата за поттикнување насилство и обиди за уривање на Републиката, демонстрантите тврдат дека зад немирите стојат длабокото социјално незадоволство и недовербата во институциите.
epa13277368 A pedestrian walks past damage in the aftermath of clashes occurred between riot police and demonstrators during a high school students' protest against education conditions in Paris, France, 02 October 2026. EPA/Firas Abdullah

Франција минува низ период на сериозни политички и општествени превирања. Високиот јавен долг, претседателот Емануел Макрон, кому му остануваат уште шест месеци од мандатот, и масовните немири што започнаа со студентски протести, а прераснаа и во улично насилство и грабежи, ја продлабочуваат кризата.

Минатата сабота, на 21 ноември, се одржа шестиот викенд по ред на демонстрации против високите цени, влошувањето на јавните услуги и, како што тврдат демонстрантите, полициската бруталност. Во споредба со октомври, насилството за време на протестите е намалено, но не исчезнало. Макрон јавно ги обвини „деликвентите“ и „ултралевичарските групи“, за кои тврди дека имаат цел да ја „урнат Француската Република“.

Тоа е сериозно обвинување што бара подетално разгледување.

Немирите во Франција се претворија и во политичко бојно поле во пресрет на претседателските и парламентарните избори следната година. Левицата ги обвинува центарот и десницата за кризата со трошоците за живот, поради која граѓаните се сè понезадоволни и погневни.

Макрон, пак, ја обвинува крајната левица за поттикнување насилство, што таа го негира. Националистичката десница ветува дека, доколку дојде на власт, ќе ги врати редот и безбедноста на француските улици.

Кои се, всушност, „ултралевичарските“ групи за кои зборува Макрон? Колку се организирани и колкава опасност претставуваат?

Црниот блок – црна облека, маски и анонимност

Разговорот со припадниците на радикалната левица не е едноставен. Тие со недоверба гледаат на големите медиуми, кои ги сметаат за дел од естаблишментот што го презираат.На протестите, една од можностите за разговор се луѓето облечени целосно во црно, со скијачки маски или фантомки. Велат дека го кријат идентитетот за да избегнат да бидат идентификувани од полицијата.

Таквиот изглед е поврзан со учесниците во нередите и демонстрантите познати како „Црн блок“ – појава што може да се забележи на протести низ Европа.Во Франција, тие често се појавуваат од споредните улици кога дневните демонстрации почнуваат да стивнуваат со паѓањето на ноќта, а полицијата за разбивање протести пристигнува во сè поголем број.

Француските разузнавачки служби, според извештајот на Би-Би-Си, сериозно ја потцениле големината на гневот, грабежите и уништувањето по протестите минатиот месец. Наводно биле повредени повеќе од 1.000 припадници на полицијата, а меѓу демонстрантите имало млади луѓе со скршени коски. Двајца наводно ги загубиле дланките во судирите со полицијата, која употребувала шок-бомби.

Весникот „Монд“ објавува текст што постојано го ажурира, следејќи го зголемувањето на пријавите за повреди меѓу демонстрантите. Француската федерација на осигурителни компании проценила дека штетата врз продавниците и приватниот имот само од 17 октомври, денот на најголемите немири, изнесувала околу 207 милиони евра.

Оттогаш француските власти се обидуваат построго да ги контролираат демонстрациите. Полициското присуство е масовно, а демонстрантите го обвинуваат безбедносниот апарат за прекумерна употреба на сила.

„Без насилство никој нема да нè слушне“

При крајот на еден од протестите, новинарката на Би-Би-Си Катја Адлер забележала група млади луѓе подготвени да фрлаат стаклени шишиња и импровизирани бомби со боја кон полицијата. Тие биле значително побројни од полициските сили, кои располагале со палки, шок-бомби и солзавец.

Меѓу нив го запознала 18-годишниот Нас, чие име е изменето, и неговите пријатели. Се согласиле да разговараат само под услов да останат анонимни, бидејќи се плашеле дека полицијата може да ги идентификува. На прашањето како го оправдуваат насилството, еден од нив одговорил:

„Без насилство не можете ништо да постигнете. Тоа е единствениот начин да се слушне нашиот глас.“

Тие доаѓаат од големи станбени населби на периферијата на француските градови, места што често се поврзуваат со социјална исклученост, немири и семејства со имигрантско потекло.

„Доаѓаме од област што има лоша репутација. Нашето училиште е во хаос. Наставниците даваат откази. Мора да бидете квалификувани за да добиете пристојна работа. Во Франција треба да има еднаквост. Нема да се откажеме од нашата борба“, велат младите.

Тие инсистираат дека не се политички организирани и дека никој од радикалната левица не ги води. Едноставно се гневни.

„Црниот блок не е организација, туку тактика“

На еден од протестите, Адлер забележала и двајца студентски активисти од крајната левица, маскирани на покривот на автобуска постојка. Над демонстрантите мавтале со знамиња со црвениот анархистички симбол и симболот на движењето Антифа. Тие го минимизирале значењето на нередите, но повторно инсистирале да зборуваат анонимно.

„Насилството на крајот им штети на нашите движења. Не го сакаме. Но, што е еден скршен излог во споредба со полицијата што користи пиштоли за гумени куршуми врз ученици што протестираат? Луѓето во Франција редовно мрзнат и гладуваат. Ја губат вербата во ова општество“, изјавиле тие.

Француските разузнавачки служби проценуваат дека во земјата има околу 5.000 „ултралевичарски“ активисти.

Еден од нив, 17-годишник што се претставува под псевдонимот Старфликс, се опишува себеси како антикапиталист и член на насилното движење „Црн блок“.

На средбата со новинарката ѝ покажал импровизирани бомби со боја – лушпи од јајца наполнети со боја и затворени со фластер. Ги носел во ранец, завиткани во син дрес на италијанската репрезентација.

„Фрламе бомби со боја врз визирите на шлемовите на полицијата за разбивање демонстрации. Така мораат да ги подигнат за да гледаат, па и самите го вдишуваат солзавецот што го користат против нас“, објаснил тој.

Додал дека фрлаат и камења, односно сè што ќе најдат на улиците на Париз.

Кога бил прашан што сака да постигне со ваквите постапки, Старфликс одговорил дека „Црниот блок“ не е единствена организација, туку тактика.

„Некои од нас прибегнуваат кон насилство за да предизвикаат промена на владата и политиките. Сакам револуција. Други се опортунисти што ја користат анонимноста за да крадат. Кога сите носиме иста облека, полицијата потешко нè идентификува.“

Тој признава дека се плаши од повреда или апсење, но вели дека повеќе го плаши можноста општеството никогаш да не се промени.

Социјалните мрежи како алатка за поврзување

Социјалните мрежи имаат значајна улога во немирите. Старфликс вели дека тој и неговите пријатели ги користат апликациите Сигнал и Телеграм за договарање средби на протестите.

На интернет има и бројни страници и профили на Инстаграм, главно поврзани со левичарски организации, кои објавуваат совети за демонстрантите и учесниците во нередите. Меѓу нив се препораки да ги остават телефоните дома за да не можат да бидат лоцирани од полицијата, да ги покриваат лицата и да ја применуваат тактиката „биди како вода“ – да се појавуваат и исчезнуваат во толпата.

Слични совети споделувале демонстрантите во Хонгконг пред осум години.

Прашањето е дали споделувањето вакви информации може да се смета за поттикнување или манипулирање со младите, чии чувства веќе се силно разгорени. Младите со кои разговарала новинарката тврдат дека никој не ги води или насочува.

Искусен активист на „Црниот блок“, кој прифатил да разговара со Би-Би-Си, ги отфрла тврдењата на Макрон дека ултралевицата организира групи со цел да ја урне Републиката.

„Неискрено е властите да тврдат дека сите сме организирани. Разузнавачките служби го знаат тоа. Тоа е манипулација со француската јавност за да поверува дека постои внатрешен непријател“, вели тој.

Според него, луѓето едноставно се појавуваат на протестите, се облекуваат во црно и секој дејствува самостојно. Она што ги поврзува е гневот, кој, како што вели, не е ограничен само на Франција, туку се забележува и во Италија, Германија и Шпанија.

„Не сакам да ја уништам Франција, туку капиталистичкиот систем“

На прашањето дали антикapitalистичкиот претседателски кандидат Жан-Лик Меланшон и неговата партија „Непокорена Франција“ (ЛФИ) се поврзани со насилството, активистот го негира тоа.

Иако партијата и нејзините поддржувачи се присутни на голем број демонстрации, тој тврди дека Меланшон е дел од системот што сакаат да го променат. Според него, ЛФИ и синдикатите се обидуваат да ги смират протестите, додека тој смета дека притисокот треба дополнително да се засили.

„Сакам само да кажам дека не го сакаме насилството. Не сакам да ја уништам Франција. Сакаме да го уништиме системот што е капиталистички, но и да го промениме општеството на начин за кој веруваме дека ќе биде подобар за мнозинството луѓе. Сè повеќе луѓе едвај врзуваат крај со крај. Во руралните средини некои не можат да си дозволат ни да наполнат резервоар гориво“, вели активистот.

Еколошки активизам, саботажи и пожар во Лимож

За да се сретне со некои од поорганизираните и порадикални елементи на ултралевицата, новинарката заминала и надвор од градот, во средини поврзани со еколошкиот активизам и саботажите.

Еден маж и натаму се наоѓа во полициски притвор во врска со пожарот за време на протестите во градското собрание во Лимож во октомври. Зградата од 19 век, оштетена во пожарот, стана симбол на актуелната состојба во Франција.

Месец подоцна, во воздухот сè уште се чувствувал мирисот на чад.

Триесет и четиригодишниот осомничен за подметнување на пожарот, кој тврди дека е невин, потекнува од мало место во близина на Лимож, познато по анархистичката и еколошка заедница. Неговиот татко е познат активист и е познат на француските разузнавачки служби.

Би-Би-Си побарал коментар од таткото и адвокатот на осомничениот, но тие одбиле да зборуваат.

Новинарскиот тим разговарал со друг 39-годишен локален ултралевичарски активист, кому политичкиот активизам му е главна преокупација повеќе од две децении. И тој побарал да остане анонимен.

„Сите бевме шокирани од пожарот во градското собрание, дури и додека гледавме како гори пред нас. Но, наша должност е да преземеме нешто. Не можам да му го оставам овој свет на синот во ваква состојба“, изјавил тој.

Активистот зборувал за употребата на воени возила и сила од страна на државата против младите демонстранти, а потоа дал и изјава што ја покажува радикализацијата на неговиот став:

„Неверојатно е што луѓето сè уште не посегнале по оружје. Дали мора да загине полицаец за државата да почне да слуша?“

На прашањето како може да оправда таква изјава, тој одговорил дека како дете пораснал со француските вредности – слобода, еднаквост и братство – но дека денешната социјална неправда го згрозува.

„Како татко, не можам да го прифатам тоа. Ако морам, би примил куршум за да ги заштитам младите во оваа земја“, рекол тој.

Дали ултралевицата навистина ја загрозува Франција?

Овие изјави звучат опасно, но, според процената на Би-Би-Си, радикалната левица не изгледа доволно бројна, вооружена или обединета за сериозно да ја загрози француската држава.

Новинарскиот тим повеќепати побарал став од француските разузнавачки служби, но тие одбиле да коментираат.

Поранешниот полициски комесар Мишел Клајн, кој неодамна заминал во пензија, смета дека радикалната левица не претставува сериозна закана за државата.

„Верувам дека кај радикалната левица и анархистите постои волја за уништување на Републиката, но очигледно немаат средства да го постигнат тоа“, изјавил тој.

Клајн не гледа ризик од граѓанска војна во Франција, но предупредува на зголемена опасност од судири меѓу групи од крајната левица и крајната десница во пресрет на претседателските избори.

На протестите во повеќе француски градови почнале да се појавуваат и групи од крајната десница, кои велат дека сакаат да ги „заштитат француските улици“.


Франција е длабоко политички и општествено поделена, а засега нема многу знаци дека претстојните избори ќе ги смират тензиите. Мешањето на левичарски и десничарски екстремизам со социјалното незадоволство и политичката нестабилност создава ризик кризата дополнително да се продлабочи.

е-Трн да боцка во твојот инбокс