Руски дрон во полскиот воздушен простор: се огласиле сирените за тревога, војската одлучила да не го соборува

Леталото, за кое се сомнева дека е руско, било забележано за време на рускиот напад врз западна Украина. Полската противвоздушна одбрана го следела неговото движење, а жителите на неколку градови биле повикани да побараат засолниште

Дрон за кој постои сомневање дека е руски доцна синоќа влегол во полскиот воздушен простор, во текот на рускиот напад врз западна Украина. Инцидентот се случил само три дена откако руски ракети паднале на територијата на Полска, членка на НАТО. Оперативната команда на полските вооружени сили соопшти дека биле активирани системите за противвоздушна одбрана, а воените радари непрекинато го следеле движењето на леталото. Воените власти одобриле негово соборување, но на крајот одлучиле да не отвораат оган, откако дронот го сменил правецот. Како причина била наведена можната опасност за цивилното население.

Од командата соопштија дека ситуацијата постојано се следи и дека полската противвоздушна одбрана е подготвена да одговори на евентуални нови закани. Според информациите на полското радио РМФ24, кое се повикува на извори блиски до Министерството за одбрана, станувало збор за извидувачки дрон со млазен погон, опремен со камери за надзор.

Леталото наводно влегло во полскиот воздушен простор кај Дорохуск, во источниот регион Лублин, каде што се задржало неколку минути, пред да се врати на украинска територија. Во неколку полски градови се огласиле сирените за воздушна тревога, а властите ги повикале жителите да побараат засолниште. Подоцна тревогата била укината.

Три руски ракети паднаа на полска територија во петокот

Инцидентот се случува по петочниот масовен руски напад врз Украина, во текот на кој три ракети паднале на полска територија. Полското обвинителство подоцна утврдило дека во сите три случаи станувало збор за руски крстосувачки ракети од типот Х-101.

Полскиот премиер Доналд Туск го опиша претходниот инцидент како провокација. Тој се случи во периодот кога се одржуваа европски воени вежби, во рамки на подготовките за можно распоредување сили во Украина по завршувањето на војната. Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, во саботата ја посети Варшава и порача дека Алијансата ќе го брани секој сантиметар од полската територија.


НАТО презеде и чекори за зајакнување на надзорот над полскиот воздушен простор, а планира на Полска да ѝ стави на располагање авион за рано предупредување и воздушна контрола (АВАКС).

е-Трн да боцка во твојот инбокс