Двајца загинати, 22 повредени во руски напад врз Запорожје

Меѓу повредените има и две деца на возраст од шест и 16 години. Оштетени се станбени згради, автомобили и објект од сообраќајната инфраструктура.
Ilustracija: EPA

Две лица загинаа, а 22 се повредени во руски напад врз украинскиот град Запорожје во текот на изминатата ноќ. Меѓу повредените има и две деца, на возраст од шест и 16 години, соопшти вршителот на должноста началник на Запорошката обласна воена администрација, Михаило Семекин. Во нападот била уништена приватна станбена куќа, а петкатница била делумно урната. Оштетени се и други станбени згради, автомобили и објект од сообраќајната инфраструктура.

„Непријателот го нападна градот“, напиша Семекин на Телеграм, додавајќи дека последиците од нападот сè уште се утврдуваат.

Шестмина повредени во руски напади со дронови врз Киев

Во руски напади со беспилотни летала врз Киев биле повредени шест лица, од кои пет во областа Печерск, соопшти градското обвинителство. Според информациите на обвинителството, до 17:45 часот биле регистрирани неколку напади со дронови, најмногу во централните делови на градот, во областите Подилск и Печерск, пренесе украинската агенција Укринформ.

ЕУ предлага нов пакет санкции против Русија

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, најави предлог за 22. пакет санкции против Русија, со дополнителни ограничувања во финансискиот и енергетскиот сектор и мерки против руската таканаречена „флота во сенка“. Според Фон дер Лајен, новите мерки треба да ги погодат начините на кои Москва ја финансира војната, особено преку банкарскиот сектор и криптоплатформите.

Предлогот предвидува проширување на забраната за трансакции со околу 60 руски банки, кои би биле исклучени од системот СВИФТ, како и мерки против криптомрежи и платежни системи. Ограничувањата би опфатиле и субјекти од трети земји за кои ЕУ смета дека ѝ помагаат на Русија да ги заобиколи санкциите.

Фон дер Лајен најави и дополнителна изолација на Русија од европските спортски и културни настани, построги правила за издавање визи и засилена примена на веќе воведените санкции.

Зеленски повторно бара членство во НАТО

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги повика западните сојузници да го разгледаат полноправното членство на Украина во НАТО како посигурна безбедносна гаранција од посебен договор со гаранции слични на членот 5 од Северноатлантскиот договор. Во обраќањето пред земјите членки на НАТО во Берлин, Зеленски оцени дека украинското членство би ја направило Алијансата посилна, благодарение на искуството и капацитетите на украинската војска.


Според него, полноправното членство во НАТО би било поефикасно и посигурно решение од алтернативните безбедносни гаранции.

е-Трн да боцка во твојот инбокс