Трошоците за градба во Германија растат двојно побрзо од инфлацијата

Изградбата на станбени згради во август поскапе за 5,5 отсто на годишно ниво, а најголем раст на цените бележат покривните и столарските работи, покажуваат податоците на германскиот завод за статистика.
Фото: Itelchan, CC BY-SA 4.0, via Wikimedia Commons

Трошоците за градба во Германија повторно забележаа силен раст, со забележително поскапување на изградбата на станбени згради во август, што е значително поголемо од растот на потрошувачките цени, покажуваат податоците на статистичкиот завод „Дестатис“ (Destatis) објавени во петокот.

Цените за изградба на конвенционално градени станбени згради во август се зголемени за 5,5 отсто во однос на истиот месец минатата година. Во мај, претходниот извештаен месец за кој „Дестатис“ објави податоци, тие беа повисоки за пет отсто на годишно ниво, се наведува во соопштението.

Поизразен раст на цените во овој сектор последен пат беше забележан пред три години, забележува германската новинска агенција ДПА (dpa).

Во август цените беа повисоки за еден отсто во однос на мај, извести статистичкиот завод, со напомена дека сите цени се однесуваат на градежните работи на зградите, вклучувајќи го и данокот на додадена вредност (ДДВ).

Меѓу работите со особено силен раст на цените се издвојуваат покривните работи, кои во однос на минатогодишниот август поскапеа за 7,6 отсто. Следуваат столарските работи и дрвената градба со раст на цените од 7,2 отсто.

Нешто поумерен раст забележаа ѕидарските работи, со покачување од 4,2 отсто, како и бетонските работи, со раст од 4,3 отсто, покажуваат статистичките податоци.

Во сегментот на внатрешните завршни работи, главни двигатели на растот беа зголемените трошоци за електроинсталации и системи за греење, кои пораснаа за 7,2, односно за 5,2 отсто во однос на истиот период лани.

Со тоа поскапе и одржувањето на станбените згради, и тоа за шест отсто во споредба со минатогодишниот август.

Со ова, градежните работи во август поскапеа значително посилно од потрошувачките добра и услуги, чии цени во просек беа за 2,9 отсто повисоки отколку лани. Поскапувањето во градежниот сектор не е ограничено само на станбената изградба, туку ја опфаќа и изградбата на патишта, со раст на трошоците од 6,9 отсто, како и изградбата на деловни објекти, каде што трошоците пораснаа за 5,7 отсто, покажуваат податоците на „Дестатис“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс