Масовен налет на дронови и извидувачки балони го затвори воздушниот простор на Москва

Четири клучни аеродроми во руската престолнина привремено го прекинаа сообраќајот, а владини авиони беа пренасочени кон Санкт Петербург по напад со 15 беспилотни летала и воздушни балони.
Фото: Igor3188, CC BY-SA 4.0, via Wikimedia Commons

Неколку московски аеродроми денеска привремено ги прекинаа летовите откако во воздушниот простор околу главниот град на Русија, според наводите, навлегоа украински дронови и балони. Работата ја прекинаа аеродромите Домодедово, Шереметјево, Внуково и Жуковски, што го наруши редот на летање и предизвика значителни одложувања, пишува „Кијив индипендент“ (Kyiv Independent).

Податоците од сервисот за следење на воздушниот сообраќај „Флајтрадар24“ (FlightRadar24) покажуваат дека повеќе авиони на рускиот владин одред „Росија“, кој ги превезува највисоките државни функционери, денеска требало да слетаат во Москва. Најмалку еден од тие авиони, Иљушин Ил-96-300ПУ на лет од Туркменбаши во Туркменистан, бил принуден да сврти од рутата кон аеродромот Внуково и бил пренасочен кон Санкт Петербург.

Градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, објави на апликацијата МАКС (MAX), која ја користи руската влада, дека „силите на противвоздушната одбрана на Министерството за одбрана одбиле напад од 15 беспилотни летала“. На руското небо бил забележан и поголем број непознати балони, а и руските и украинските канали на Телеграм тврдат дека биле лансирани од украинската војска.

Локалните руски канали на Телеграм објавија снимки од балони на небото во близина на Москва, како и дејствување на противвоздушната одбрана. Рускиот медиум „База“ (BAZA) извести дека „извидувачки балони лансирани од Украина“ биле соборени над Јарославската област, регион северно од Москва.

Руската новинска агенција РИА Новости објави дека до 17:42 часот по московско време аеродромите Домодедово, Внуково и Жуковски повторно биле отворени. Украинскиот претседател Володимир Зеленски уште на 1 септември најави план за затворање на руското небо.

„На руското небо едноставно ќе има толку многу дронови што тоа ќе мора да се земе предвид“, рече тој тогаш и ја предупреди „секоја авиокомпанија што го користи рускиот воздушен простор“ да не лета над таа земја. „Руското небо де факто ќе биде затворено“, додаде тој. Во неделите по таа најава, украинските напади со дронови предизвикаа сериозни нарушувања во рускиот воздушен сообраќај, но не доведоа до целосна блокада на воздушниот простор каква што најави Зеленски.

е-Трн да боцка во твојот инбокс