Производителите на телефони ги намалуваат испораките за 2027 година

Речиси сите големи компании од мобилната индустрија ги преиспитуваат плановите за следната година, а некои наводно предвидуваат и до 30 отсто помалку испорачани уреди. Причина се повисоките цени на меморијата и неизвесноста околу побарувачката.

Големите производители на мобилни телефони наводно ги намалуваат целите за испорака за 2027 година поради сè понеповолните услови на пазарот. Според извештај на кинескиот медиум „Џиемијан њуз“ (Jiemian News), речиси сите водечки компании ја преиспитуваат својата стратегија за следната година, а некои размислуваат за намалување на планираните испораки за речиси 30 отсто во споредба со 2026 година.

Еден од најголемите предизвици за производителите во моментов е поскапувањето на работната меморија (RAM) и NAND-меморијата, кои претставуваат значителен дел од трошоците за производство на мобилните телефони. Проблемот е особено изразен кај производителите на уреди од пониската и средната ценовна класа, бидејќи нивните помали профитни маржи оставаат помал простор за покривање на зголемените трошоци за компонентите.

Поскапи телефони или послаби спецификации?

Производителите имаат неколку можности за справување со повисоките трошоци. Можат да ги зголемат малопродажните цени, да прифатат помали профитни маржи или да ги приспособат спецификациите на идните модели. Тоа би можело да значи дека новите телефони ќе се појавуваат со помалку работна меморија или со помал капацитет за внатрешно складирање податоци од првично планираното.


Сепак, намалувањето на целите за испорака не значи нужно дека производителите ќе претстават помалку нови модели. Тоа пред сè укажува дека компаниите се подготвуваат за можен пад на побарувачката и се обидуваат да го избегнат натрупувањето непродадени уреди.

е-Трн да боцка во твојот инбокс