Кинеската онлајн-платформа Тему (Temu) се согласи да воведе низа промени во работењето, меѓу кои и построги мерки за спречување на продажбата на нелегални и небезбедни производи. Целта е нејзините практики да се усогласат со правилата за заштита на потрошувачите во Европската Унија, соопшти Европската комисија во четвртокот.
„Обврските што ги презеде Тему се важен чекор кон тоа потрошувачите да можат да купуваат онлајн со доверба, знаејќи дека цените се транспарентни, рецензиите се веродостојни и дека нивните права на враќање производи и рефундирање се почитуваат“, изјави европскиот комесар за заштита на потрошувачите, Мајкл Мекграт.
Тој додаде дека Комисијата внимателно ќе продолжи да ја следи усогласеноста на платформата со преземените обврски.
Истрагата траеше повеќе од две години
Ова е најновиот развој во истрагата на Европската комисија за работењето на Тему, започната во октомври 2024 година. Со неа се проверуваше дали компанијата ги почитува правилата за многу големите онлајн-платформи (VLOPs), во рамките на Законот за дигитални услуги (DSA). Со најновото соопштение се потврдува дека Тему успеала да ја убеди Комисијата дека презема соодветни чекори за сузбивање на нелегалната трговија преку својата платформа и за значајни промени во начинот на работење. Доколку не ги исполнеше обврските, компанијата можеше да се соочи со казна до шест отсто од глобалниот годишен промет.
„Задоволни сме што постигнавме договор со Европската комисија и националните органи за заштита на потрошувачите“, изјави портпарол на Тему, додавајќи дека компанијата ќе продолжи да ја зајакнува транспарентноста и да го подобрува искуството при купување за потрошувачите низ Европа.
Во мај, Европската комисија ѝ изрече на Тему казна од 200 милиони евра, откако истражителите утврдиле дека на платформата широко се нуделе опасни играчки за бебиња и неисправни полначи. Потоа од компанијата било побарано да достави акциски план за решавање на овие проблеми и на други утврдени прекршувања на Законот за дигитални услуги.
На почетокот на ноември Комисијата објави и прелиминарни наоди од истрагата, според кои Тему сè уште не направила доволно промени. Истражителите посочиле неколку проблеми, меѓу кои неделотворни контроли за обезбедување на безбедносните стандарди, слаба модерација на содржините и неефикасен систем за санкционирање.
Компанијата добила рок да ги разгледа наодите и да одлучи како ќе постапи.
Што конкретно ќе мора да промени Тему?
Според Европската комисија, компанијата презела обврска да ги направи подостапни информациите за своето работење и да ја подобри корисничката поддршка. Промените опфаќаат и поедноставени постапки за откажување на нарачки, враќање производи и рефундирање на парите.
Тему ќе треба да обезбеди и поверодостојни рецензии од потрошувачите, појасно прикажување на цените и да престане со испраќање пораки што ги притискаат корисниците да купуваат. Меѓу преземените обврски се и отстранување на задолжителните елементи на гејмификација – механизми што ги поттикнуваат корисниците да учествуваат во игри и активности во апликацијата – како и обезбедување докази за еколошките тврдења на компанијата. Предвидено е и појасно прикажување на последниот чекор од купувањето, односно плаќањето.
Националните институции ќе го следат спроведувањето
Со четвртоковото соопштение се затвора постапката за случајот на Тему на европско ниво. Следењето на тоа дали компанијата навистина ќе ги исполни преземените обврски сега преминува во надлежност на националните органи за заштита на потрошувачите.
Обврските важат во сите земји членки на ЕУ и во Европската економска област. Доколку Тему не ги почитува, може да се соочи со казни од најмалку четири отсто од годишниот промет остварен во соодветните земји членки, или повисоки санкции.
